Денот кога Македонија рече „не“ – Пишува Роберт Димитриевски

Во некоја друга констелација на политичките односи во државава 30 септември треба и мора да биде прогласен за државен празник. Со таква одлука само би била верификувана историската димензија на громогласниот молк на македонскиот народ и на другите лојални граѓани на Македонија, со кој го урнаа референдумот за преименување на државата.

На денешен ден пред три години над две третини од електоратот не ја поддржа „Северна“, наспроти сите притисоци, поткупи и убедувања. Дури 63,09 проценти од избирачите избраа бојкот, а и од само 36,91 отсто што излегоа на гласачките места 5,82 проценти заокружија „против“ на гласачкото ливче со прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“.

Македонците и нивните сограѓани Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци и други што ја чувствуваат и ја сакаат Македонија како своја татковина јасно ставија на знаење дека не ја прифаќаат промената на нејзиното име. За нив постои само (Република) Македонија, без никакви (географски) одредници.

Покрај отпорот кон намерата на власта да тргува со најсветото за една заедница, нејзиниот идентитет олицетворен преку името, специфична тежина на идниот празник му дава спротивставувањето и на суфлирањето отстрана. Граѓаните не ги импресионира доаѓањето на капиталци од „меџународната“ со пораката дека со гласот „за“ земјата ќе се приближела до Европската унија и НАТО, уште помалку повиците со слична содржина од соседството.

Напротив. Скапата кампања на власта, поддржана однадвор, предизвика контраефект, па наместо пред гласачките кутии избирачите поитаа кон ќумбињата за да направат ајвар, испраќајќи порака дека се поголеми домаќини во заедничкиот дом од платените за тоа од нивните пари. Дека се одговорни кон парчето земја што го наследија од генерациите пред нив, кои го платија со крв и го изградија со пот. Дека „некои прашања не заслужуваат одговор“, колку и да се обидуваа(т) да ги убедат во спротивното.

Власта, предводена од партијата што некогаш се претставуваше како државотворна, но чиј актуелен лидер смета дека не им личел патриотизмот, го послуша тогашниот еврокомесар за проширување да употреби „балкански средства“ и плукна врз волјата на својот народ. Сè што следуваше потоа ќе биде запишано во мрачните страници од поновата македонска историја.

Во оние другите, светлите, пак, 30 септември 2018 година ќе остане запаметен како симбол на непокорот, на слободата на мислата и на нејзиното изразување, на љубовта кон родната грутка, за чие обезличување не е вредна никаква „виша“ цел. Посебно не ако, по сите (не)можни жртви и отстапки, веќе не се стеснуваат да ви порачаат дека не ви го гарантираат ни тоа што претходно ви го ветиле, а притоа, практично, не сте ни мрднале од место?!

Оттаму, референдумот за името по своето значење е во рангот најмалку на референдумот за независност. Меѓник од кој некои многу похрабри и порешителни ќе тргнат во расчистувањето со бесправнава градба врз асномските темели на македонската држава.