Под покровителство на Владата на Македонија и со поддршка на Стопанската Комора, Делегацијата на германското стопанство, Сојузот на стопански комори, Western Balkan 6 и Австриската амбасада во земјава, денеска во Скопје се одржува Балкански економски форум.

На настанот, покрај официјалниот државен врв и претставници од дипломатскиот кор, добредојде на учесниците преку видео пораки ќе им посакаат и потпретседателката на Европската Комисија, Дубравка Шуица, и Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи.

Во фокусот на овогодинешното издание на Балкан Економик Форум, кој за прв пат од своето основање ќе се одржи во Скопје, ќе бидат регионалната економска соработка, забрзаната енергетска транзиција, финансирањето на економската соработка и регионалниот развој, подобрување на стручните вештини на работната сила на Балканот, како и инoвациите во креирањето на економските политики.

Во форумскиот дел ќе се одржат 5 панели, а помеѓу панелистите се и Емир Џикиќ (директор на ЦЕФТА секретаријатот), Гржегож Зиелински (Head of Energy Europe, EBRD), Анте Бабиќ (Европска Комисија, ДГ Енер), Милош Младеновиќ (SEE Power Exchange), Сандра Шваљек (заменик гувернер на Хрватската народна банка), Херјола Спахиу (НОА Албанија), Сузана Кирали (Централно европска иницијатива – ЦЕИ), заедно со истакнати домашни експерти, претставници на реалниот сектор и повеќе претставници од специјализирани економски образовни институции.