Централнодесничарската проевропска коалиција Демократска Бугарија е единствената политичка формација што отворено ја поддржа Македонија за членство во Европската унија првиот работен ден на новиот состав на бугарскиот парламент.

„Ние во овој парламент мораме да го браниме бугарскиот национален интерес, да најдеме решение за проблемот со Република Северна Македонија. Мораме да ја браниме вистината (историска), но мораме да најдеме начин да бидеме членки на Европската унија заедно“, им се обрати на пратениците лидерот на парламентарната група на Демократска Бугарија, Христо Иванов, според кој влезот на Македонија во ЕУ е од стратешко значење за Бугарија.

Другите пет политички партии во Собранието во Софија целосно ја игнорираа оваа тема при наведувањето на своите главни политички приоритети.

Мандатот за формирање на новата влада ќе му биде даден на Слави Трифонов, лидер на партијата Има таков народ, која произлезе од антивладините протести, а тој не е подготвен за компромис со Скопје, кој би ги отворил вратите за почеток на преговорите со Брисел.