Декретот на Бајден, заканите за „Преспанскиот“ и македонската нација – пишува Свето Тоевски

Претседателот на САД Џо Бајден со своја „извршна наредба“ ги стави на црна листа сите кои работат против Преспанскиот и Охридскиот договор. Или, како што стои во неговата директива: ќе има санкции за сите оние кои што „ги загрозуваат меѓународните напори за стабилизација на Западен Балкан“, „кои се одговорни, или се вклучени, директно или индиректно, во нарушување или во дејство што го попречува, или е закана за примената на кој било регионален безбедносен, мировен договор, или договор за соработка или рамковен договор поврзан со Западен Балкан, вклучувајќи го и ‘Договорот од Преспа’ од 2018 година, ‘Охридскиот рамковен договор’ од 2001 година..“.

Кон крајот на минатиот месец историчарот Митко Панов во емисијата „Што не е јасно“ на ТВ „Алфа“ кажа: „Имаме тенденција од политичкиот договор во Преспа терминот, придавката ‘македонски’“ да не биде еквиваленција на самоидентификација. Како ќе зборуваме за македонска историја, или за македонска нација, која не постои веќе со Преспанскиот договор, односно кога е забранета употребата на придавката ‘македонски’ да се однесува на нацијата.?“ Дали Панов ќе биде еден од првите кандидати за ставање на американската „црна листа“ со овие негови ставови?

Професорот Игор Јанев во својата колумна под наслов „Хибридна агресија врз Македонија“, објавена на 4.6.2021 година во весникот „Нова Македонија“ ќе истакне: „Преспанскиот договор преку промена на националниот идентитет, го негира идентитетот на нацијата (како македонска нација) и со ваков акт, надвор од волјата на народот, се доведуваат во прашање основните колективни права на народот, покрај основните суверени права на државата како субјект на меѓународното право. … поради флагрантното кршење на основните меѓународноправни норми (jus cogens правила/норми), Преспанскиот договор мора дипломатски еднострано да се раскине од страна на некоја следна патриотска влада.“

Дали и професорот Јанев ќе се најде на таа „црна листа“?

Дали САД ќе го стават на црната листа целиот македонски народ, кој се спротивставува на Преспанскиот договор, бидејќи токму со тој „добрососедски договор“, според барањето на Грција, му е одземено, инаку, неотуѓивото право за сопствена етничка самоидентификација како Македонци, не како „Северномакедонци“, значи како народ кој има свој засебен македонски идентитет, не „северномакедонски идентитет, и кој говори свој засебен македонски јазик, не „северномакедонски јазик“?

Дали стремежот и барањата на Македонците час поскоро „Преспанскиот договор“ да биде поништен и исконското име Македонија на нивната држава како такво, како Република Македонија, да почне повторно да се употребува, наместо „Северна Македонија“, и навистина би можел да претставува „загрозување на меѓународните напори за стабилизација на Западниот Балкан“, како што стои во декретот на претседателот на САД Џо Бајден?

Дали придонес кон стабилизацијата на Западниот Балкан би можел да претставува геополитичкиот инженеринг, со кој на македонскиот народ, по желба на „добрите соседи“, му се одзема и неговата историја, неговото духовно и културно наследство?

На 2.ноември 1986 година 40-тиот претседател на САД Роналд Реган во своето обраќање до американската нација ќе каже став, кој американските политичари го застапуваат и денес: „Ние сме светилникот на слободата на целиот свет.“ И Македонија и Македонците се дел од тој свет, кој ја бара својата слобода. И правото на сопствена, македонска етнојазична самоидентификација.

Свето Тоевски