Карлос Бејар, 83-годишник од Аргентина, ги стопи срцата на тамошната јавност откако на социјалните мрежи стана вирална фотографија на која го гледа полуфиналниот натпревар против Хрватска на телевизор во излог.
Случајна минувачка го фотографирал господинот во околината на Буенос Аирес како седи сам на столче кое го поставил покрај патот, веднаш пред продавница за електроника и внимателно го следи текот на натпреварот кој заврши со победа на Аргентина. Фотографијата набрзо стана вирална, а „Твитерката“ која прва ја објави ја означи продавницата за електроника на Fráve со пораката: „Треба да му купиме телевизор“.
Нејзината објава ја споделиле повеќе од 5.000 корисници на Твитер, а потоа продавницата се вклучила во акцијата и одлучила на господинот да му подари телевизор, јавуваат тамошните медиуми.
Така, овој 83-годишен навивач ќе може да го следи денешното финале на Светското првенство меѓу неговата Аргентина и Франција на телевизор од 140 сантиметри. При преземањето на ТВ, господинот Бејар не можеше да ја скрие радоста.
Старецот подоцна им објаснил на локалните новинари дека го гледал натпреварот во прозорецот бидејќи нема кабловска телевизија дома, а телевизорот со големиот екран „му дава чувство дека е на теренот“. Затоа, продавницата му подари и дигитална собна антена.
Карлос изјави и дека повеќето негови пријатели починале, па најчесто сам ги следи игрите. Ја откри и приказната за столчето на преклопување од кое го гледал натпреварот. Тој вели дека и припаѓал на неговата покојна мајка и сега му носи среќа. Индекс.хр