Катастрофалниот настап на машката ракометна репрезентација на Македонија во прелиминарната фаза на 28. Светско првенство во Полска и во Шведска го заокружи срамната игра и пораз против Аргентина од 35:26.
Дури и селекцијата што исто така претрпе два резултатски дебакла против Норвешка и Холандија и се разликуваше од „црвено-жолтите“ само по подобрата гол-разлика од само еден погодок изгледаше како светски првак против расштимуваниот македонски оркестар.
Веќе хроничната болка – слабата одбрана, дојде до израз и против „гаучосите“, кои имаа дури 85 проценти реализација на ударите, а како последица на „провевот“ пред нив голманите Митревски и Томовски запишаа само пет успешни интервенции заедно.
Просто неверојатно изгледа и соодносот од 83:10 проценти на реализацијата на ударите од 9 метри во полза на Аргентинците!
Талески имаше ефект 5/11, Пешевски 4/4, Кузмановски 4/6, премалку за избегнување на разигрувањето за пласман од 25 до 32 место во Плоцк. Таму избраниците на селекторот Кирил Лазаров в четврток од 15:30 часот ќе играат со Алжир, в сабота од 18 ч. против Тунис и в понеделник од 18 ч. со Мароко.