Дебакл на Мр. Ваксајнс на Табановце – Пишува Роберт Димитриевски

На Зоран Заев и соработниците од Владата и од партијата повеќе не им требаат ни интерни, ни екстерни анкети за испитување на јавното мислење во Македонија за нивните политики. „Излезеноста“ на граничниот премин Табановце претпладнево им е најсигурниот индикатор за тоа што мислат македонските граѓани за една од најнеспособните власти во светот во време на пандемија. Колоните возила и изразот на лицата на илјадниците намерници што го фатија патот за Србија по вакцина зборуваат повеќе од каква и да е сондажа.

Државата водена од СДС на „Нашата Земја“ заедно со „ДУИ-инг бизнис“ точно четири месеци по почетокот на вакцинацијата во Европската унија уште не мрднала со тој процес, „а кад ќе, не зна се“, што би рекле од „Ѓекна“. На толку силни сојузници од најсилниот сојуз на планетата, дунстерите за надворешна политика и геостратегија ги принудија сонародниците да бараат спас кај „диктаторот“ Вучиќ. Србија, која балансира меѓу ЕУ и Русија, а воено е неутрална, во моментов е единствената надеж за обичниот македонски државјанин за вакцинирање против смртоносната болест. Каква иронија на судбината на првата годишнина од членството на Македонија во НАТО!

Користејќи ги пријателските односи со Русија и со Кина, но и отворените врати кон САД и ЕУ, Србија со мал трошок си обезбеди несразмерно поголем бенефит. Се претстави како организирана држава што знае да се грижи не само за своите државјани, промовира добрососедство кога тоа е од животна важност, со што освојува симпатии во регионот и пошироко, а не бара ништо за возврат. Дури и вакцините не ги наплаќа, а камоли да условува, не дај боже, со големодржавни или со идентитетски прашања.

Една таква Србија им влепи шлаканица на Заев и булументата некадарници околу него, од која уште долго ќе им зујат ушите. Со месеци лажат за вакцините, однапред се заблагодарија за тие што уште ги нема од Бугарија и од Грција, а за некаков сопствен напор да се издејствува каков и да е контингент не станува ни збор.

Вистински премиер досега ако треба и ќе кампуваше пред фабриките на „Фајзер“, на „Синофарм“ или на кој и да е друг производител и немаше да се врати во земјата без барем неколку палети со вакцини. Кога е во прашање здравјето на (со)граѓаните, немаше воопшто да се мисли дали да ја прифати понудата од Русија за „Спутник В“ уште во август минатата година, а не да изигрува поголем натовец од Столтенберг. Ќе ги овластеше дрогериите и други фирми од областа на здравството да донесат вакцини по свои канали, ако можат, а не да тресе зелени дека имало предности од тоа што абер нема од масовната вакцинација.

Сликата од Табановце утрово, но и сè погласните критики од соборците во уривањето на „режимот“ токму за вакцините, само потврдуваат што може да очекува началството на „седесето“ од првото наредно соочување со граѓаните наесен. Дебаклот што Мистер Ваксајнс и компанија го доживеаја денеска не можат да го покријат ни со пет милиони вакцини донесени уште утре. Црвената линија е помината и враќање назад нема. Недовербата кон погрешните лица на вистински позиции е толку голема што не им се верува ни кога името ќе си го изговорат, а камоли за нивното (не)делување за кое еден ден ќе мора да одговараат.

Многумина од оние над 3.600 несреќници што го загубија животот од Ковид-19 денес сè уште ќе беа со своите најблиски, ако во оваа кутра земја имаше власт што ќе се бореше до последниот атом од силите за здравјето на своите граѓани, наместо да одмора по егзотични дестинации додека некој се бори за здив на Инфективна. Себичноста, хедонизмот, бесчувствителноста и неспособноста прво ќе ја платат политички, а потоа и кривично. За ова некрофилско поигрување со животите на македонските граѓани не смее да има милост.