„Со тајноста на договорот за изградба на автопатиштата од коридорите 8 и 10 д со американско-турскиот конзорциум ‘Бехтел и Енка’, односно одбивањето на Владата да го стави на целосен увид пред пратениците, се пројавува надмоќта на Владата над Собранието. Според правните експерти, тоа е ‘надвладување на извршната власт во однос на законодавната власт, надвор од законите и уставот“. Ова се наведува во анализата со наслов „Зошто се редуцираат правната и политичката моќ на Собранието?“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Немоќ на Парламентот и оспорување на неговите уставно утврдени надлежности да ја контролира Владата


Покрај другото, во анализата пишува: За доминацијата на извршната над законодавната власт значајно придонесува и претседателот на Собранието, Талат Џафери. Тој изјави дека „не го интересира што пишува во договорот „Бехтел и Енка“. Таквата изјава предизвика длабоко изненадување и зачудување кај правната фела, која постави јавно прашање: „Како може еден пратеник, кој уставно има обврска да врши надзор над извршната власт, да не го интересира што пишува во договорот, за кој има низа индиции дека е коруптивен и кој тежи околу две милијарди евра“?!

„Избегнувањето да се стави на увид договорот во Собранието значи исклучување на пратениците. Одземена им е контролната улога над извршната власт. Со тоа парламентот се става во подредена состојба и се исфрла од игра.“ – вели универзитетскиот професор по управно право Борче Давитковски.

Тој смета дека и со овој случај се потврдува надмоќта на извршната над законодавната власт во Македонија. „Никој не ја контролира извршната власт, ниту законодавната, а ниту судската власт. Оваа Влада е политички неодговорна.“ – предупредува професорот Борче Давитовски.