„ Ако сакаше власта, веќе ќе ги затвореше клубовите, затоа што и актуелниот Закон за здруженијата не дозволува регистрација на организиации што промовираат национална и верска нетрпеливост“ вели професорот Борче Давитковски во врска клубовите со скандалозни називи и статути на клубовите „Иван Михајлов и „Цар Борис“ со кои се величаат соработници на фашизмот.

„Според Законот, надзор на неговото спроведување врши Министерството за правда. Ако во Министерството има кадарни луѓе, не зборувам за министерот, туку за секторот што работи со невладините организации, ако тие го прочитале законот и ако се кадарни веднаш со решение требаше да му наложат на Централниот регистар да го поништи уписот на здруженијата додека не се исправат спорните моменти во документацијата – вели професор Давитковски за „Утрински печат“.

Според него, секое здружение кога оди да се регистрира во Централниот регистар приложува одлука за основање, статут и програма за работа за една година и Централниот регистар ги разгледува тие три составни елементи.

„Во Централниот регистар може да знаат, може да не знаат да ја проценат содржината, но ако е повреден член 4 став 2 од Законот за здруженијата, при вршење на надзорот Министерството за правда требаше со решение да ги избришат двете здруженија“, вели Давитковски.