„Цар Самуил не бил ни Македонец, ни Бугарин, туку Ерменец! Поттикнати од политиката, македонските автори ненаучно сакаа да им придадат и антички карактер на својот народ и јазик, дрско тврдејќи и дека Албанците се дојденци на територијата на Македонија, иако нивните претци – Илирите се овде уште од антиката.“ – вели новинарот и аналитичар Даут Даути од Скопје во својата колумна со наслов „Сметката доаѓа доцна“, објавена во весникот на албански јазик „Коха“, која обилува со бесмислици и ставови во целосна спротивност со цврсто заснованите научни аргументи за македонската историја.

Даути пишува: „Јавноста во Македонија е потресена, а во Бугарија е восхитена, поради првите заклучоци на Мешовитата историска комисија (…).Таму владее триумфализам, а овде национална тага. Зашто, би морало да се прифати дека Самуил, оној цар што стои на аголот на скопскиот плоштад како мразовен човек од Северниот пол, не бил Македонец. Од ова се извлекува заклучокот за поразот. Се потсетив на она што го научивме во книгите за историја и на едно објаснување, што го дадоа тогаш зошто бугарската историографија го означува Самуил како ‘бугарски цар’, а зошто македонската историја него го смета како ‘македонски цар’. Објаснувањето било дека бил крунисан од бугарската црква. Бидејќи некаде морал да се круниса и така го добил епитетот ‘бугарски цар’.“

„Можеше да има логика во ова објаснување, но двете вистини, македонската и бугарската, се одвиваа напоредно. Во светлината на ревизиите, сега е одлучено некои настани, или некои личности да се одбележуваат заеднички. Меѓутоа, кога ќе дојдеме до цар Самуил, можеби доаѓа до израз целиот парадокс на судирите меѓу двете историографии. Зашто, вистината е дека Самуил не бил ниту Македонец, ниту Бугарин, туку Ерменец! Судирот би можел да биде за неговото ‘царство’, каков народ живеел во него, но ова не е предмет на спорењата!“

„Откажувањето од досегашната вистина, која не е заснована на факти, значи, од нешто што е измислено, како и други работи, никако не може да биде загуба и национална трагедија, како што ги третира дел од критичката јавност препораките на Бугарско-македонската заедничка комисија. Историографијата со своите ненаучни толкувања го направи цар Самуил Македонец. Во минатите децении со охрабрување од политиката на ВМРО ДПМНЕ сакаа да им дадат и античка основа на своето етничко потекло и на словенскиот карактер на македонскиот јазик!“

„Ова се само два примера како се создаваат вистини, кои не се засновани на наука, а потоа откажувањето од нив ќе се доживее како национална трагедија. Некои македонски историчари можат да кажат дека многу од овие вистини, од кои денес тешко се откажуваат, се засноваат врз искривено читање на архивските документи. Посебно е проблем периодот на 19 век и првата половина на 20 век кога македонското национално движење и бугарското национално движење беа испреплетени до тој степен што често немаше разлика меѓу нив. Тоа не значи дека Бугарите имаат право во нивните тврдења дека се еден народ во две држави, бидејќи идентитетите, како и се друго, се создаваат во една првобитна заедничка состојба на историските процеси, а потоа се развиваат како засебни идентитети.“

„Некои македонски автори не само што им ги проповедаа таквите ‘вистини’ на својот народ, туку сакаа дрско да им ги наметнат и на Албанците своите ‘вистини’, дека тие, Албанците имаат поинакво потекло од она, за кое се знае денес. Ако тие автори ги исчистеа ‘празнините’ во својата историја и ако не се обидеа да им ја напишат албанската историја на Албанците, тогаш ќе немаа толку проблематични прашања со Бугарија. Можеби поттикнати од политиката, овие автори требаше да го докажат она што сакаше политиката, дека Албанците не се автохтон народ и оти треба да се согласат со рамништето на едно малцинство, кое е дојденец! Потоа тие автори сакаа да им го земат и ‘местото’ на Албанците во антиката. Во функција на тоа го ставија и Лека Велики.“ (Александар Велики – забелешка на преведувачот).

„Може да се расправа за тоа дали Албанците дошле во Македонија, или не, и кога, но и како народите се движеле низ историјата, ама не може да се сокрие вистината дека Словените дошле на Балканот пред 14-15 векови, додека Илирите, претците на Албанците, биле на Балканот порано пред нив. Тие автори ја ‘исправаа’ албанската историја наместо да се занимаваат со проблематичните прашања на македонската историја, кои тешко можат да се одржат како стабилни.“