„Македонија може да прогласи мораториум на Договорот со Бугарија, ако таа продолжи да поставува некакви пречки. Од Бугарија наместо да им помогнат на сегашните властодршци во Македонија, кои имаат храброст да ги вклучат Бугарите во уставната преамбула, излегуваат некои европратеници, или самиот претседател Радев, кои со своите непромислени изјави предизвикуваат реакции, што одат во прилог на субјектите, кои се против уставните промени.“ – вели новинарот Даут Даути во својата колумна, која ја објави весникот на албански јазик „Коха“.
Покрај другото, даути пишува: Бугарија се повеќе докажува дека е лош пријател и сосед на Македонија. Откако беше потпишан Договорот за соработка и добрососедство, работите тргнаа во погрешна насока. Штом се изрази подготвеност да се изрегулираат некои историски прашања, Бугарија тоа го сфати како слабост на Македонија.
Бугарски кругови, првин некои националистички маргиналци, како Каракачанов, се наредија на една линија со намерата: „Да му го направиме животот на соседот да му е поцрн од црн.“ Откако се направи дополнителниот чекор, со тој фамозен протокол, иако Македонија не требаше да влегува во авантура на редефинирање на претходниот Договор, кој немаше тешки услови, Бугарија го зголеми уште повеќе притисокот врз Македонија. Во изминатите денови од европратеници до претседателот Радев како да не знаеја да престанат и да провоцираат.
Заборавија дека овде во Македонија се води битка меѓу приспособливата Влада, подготвена на компромиси во корист на двете земји, која по секоја цена сака да и го олесни европскиот пат на државата, пат кој оди преку регулирање на чувствителни прашања од историјата. Во меѓувреме, против ова се субјектите, кои имаат сериозни забелешки на овој процес со прекумерните отстапки, што ги нарушуваат некои демократски принципи и слободата на човековите права.
Така, придонесот на соседот, кој се согласил да ги вклучи Бугарите во преамбулата, е асиметричен, а Софија одговара со негирање на постоењето на македонското малцинство. Дури дојдоа во македонскиот парламент да продаваат ароганција. На тој начин им помагаат токму на оние политички сили, кои се против нормализирање на односите со Бугарија, бидејќи ако ги доведат до работ приспособливите властодршци, нема да преостане никој, кој ќе го води овој процес. Затоа одговорите на Пендаровски и Ковачевски се многу принципиелни.
Да додадам и свој личен пристап: мислам Дека Македонија може дури да прогласи и мораториум на Договорот, ако Софија продолжи да поставува некакви пречки. Нека и се стави до знаење на ЕУ дека таа ја истури матеницата на подот!