Поранешниот фудбалски репрезентативец на Македонија, Дарко Тасевски, одговори со „не“ на прашањето на бугарски „Блиц“ дали се чувствува Бугарин, додавајќи дека е Македонец, иако има и бугарско државјанство.

„Не, јас сум Македонец. Тоа никој не може да ми го одземе, роден сум таму. Ја чувствувам љубовта на луѓето овде кон мене, јас исто така ги почитувам. Отсекогаш се трудев да бидам врска меѓу двата народа. Имав повици од политичари, ме поканија да помогнам за затоплување на односите. Но, не сакам да паднам во тие средини. Ме поканија политичари од двете земји – и од Бугарија и од Македонија. Ги обвинувам поради тоа што до пред 3-4 години немаше толку голем проблем меѓу двата народа. Политичарите се замешаа и стана полошо. За жал, работите одат на полошо. Се надевам дека нема да има ескалација на тензијата во следните натпревари меѓу двете земји“, изјави во интервјуто 38-годишниот играч за врска со 45 настапи и еден гол во дресот на македонскиот национален тим.


Тасевски е женет со Бугарката Ромина Андонова, мис на Бугарија 2010, со која имаат три деца и живеат во Софија, каде што тој игра за Славија во последната сезона во својата кариера.