Ракометарите на Данска ја одбранија светската круна и станаа прва репрезентација што три пати едноподруго го освоиле планетарниот шампионат, откако на 28. Светско првенство во Шведска и во Полска славеа со убедливи 34:29 во финалето, кое без грешка го водеа македонските судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.
Расмус Лауге со 10 гола и Симон Питлик со 9 беа најефикасникај Данците, а кај Французите се издвоија Недим Ремили со 6 и Дика Мем со 5 погодоци.
Третпат трета на мундијалите е Шпанија, која во малото финале го совлада соорганизаторот и европски првак Шведска со 39:36.
Петтото место го освои Германија со победата од 28:24 над Норвешка, а седмото Египет, кој по продолженијата беше подобар од Унгарија со 36:35.
Македонија своето осмо учество на светските првенства го заврши на 27. место меѓу 32 селекции, најлош пласман на „црвено-жолтите“ досега.