Данска го поддржува членството во ЕУ на Украина, Молдавија, Грузија и Западен Балкан, но „геополитичките околности“ не го оправдуваат „замижувањето“ пред реформите во управувањето, изјави данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен за „Фајненшл тајмс“.

ЕУ ризикува да „воведе нестабилност“ доколку ги релаксира своите стандарди за демократија и корупција за да го забрза пристапот на Украина и другите земји кандидати, рече Расмусен во интервју за весникот.

За да се приклучи на ЕУ, една земја мора да ги усогласи своите закони со многу стандарди на ЕУ, кои се движат од клима до работна сила. Овој процес обично трае многу години.

„Ако не го завршите реформскиот процес пред да влезете, тогаш може да постои ризик од забавување потоа. И ние не извезуваме стабилност, ризикуваме да увезуваме нестабилност. И затоа е толку важно да се нагласи потребата од исполнување на критериумите за [членство во ЕУ]“.

Данска, заедно со Франција и Холандија, ги блокираа кандидатурите за пристапување на Албанија и Македонија во ЕУ во 2019 година, што всушност го торпедираше целиот процес на проширување на ЕУ, потсетува ФТ.

Запрашан за членството на Украина во ЕУ, Расмусен рече дека ЕУ не треба да ја „спушти границата“, туку наместо тоа да и помогне на Украина со инвестиции и помош, објави ФТ.

Иако Украина исполни 2 од 7 услови за да го започне процесот за членство во ЕУ, претставник на ЕУ запознаен со препораките на блокот до Украина рече дека се потребни некои клучни судски реформи.