Иако правниот принцип не дозволува законите да важат ретроактивно, Законот за солидарен данок е донесен и ќе се применува, освен ако Уставниот суд не одлучи поинаку, пишува Плусинфо.
Законодавниот дом го донесе деновиве законот кој во собраниските кулоари се шеташе повеќе од една година. Бизнис заедницата се изјасни против законот и најави дека ќе го обжали пред Уставниот суд.
Законот предвидува компаниите кои оствариле промет над 615 милиони денари (10 милиони евра), а добивката била зголемена за 20% во однос на просекот од последните три години, да платат еднократен данок од 30% и е поврзан со последиците на кризните 2020 и 2022 година, кога Владата мораше од државниот буџет да издвои пари за справување со кризите.
Владата очекува со ова оданочување во државната каса да се слеат 76,4 милиони евра, кои ќе бидат потрошени за справување со кризата.
Спротивно на владата, бизнис заедницата и експертската јавност се изјаснија дека се против ова решение, бидејќи тоа се однесува ретроактивно и е селективно.

– Правно не е можно закон да има ретроактивно дејство, освен во одделни случаи на кривична материја каде што се предвидуваат поблаги казни. Ова важи само за кривични дела за кои постапките во судовите не се завршени – појаснува експерт по право.
Тој додава дека не се знае како Уставниот суд ќе реагира на оваа инцијатива и каква одлука ќе донесе, бидејќи, како што вели, и таму се гласа, па не може однапред да се знае исходот.

Извор : https://plusinfo.mk/zakonot-za-solidaren-danok-e-bide-kazna-za-uspeshnite-retroaktivnoto-odanochuva-e-mora-da-padne-na-ustaven-sud/