Павле Трајанов крена глас. Бил дискриминиран. Граѓаните биле во предност во однос на пратениците?!

„Мислам дека се целосно дискриминирани пратениците, поради тоа што ние немаме право на избор. Граѓаните се во предност зошто имаат право на избор. Гледам дека има тука и ‘Фајзер’, веројатно следните денови ќе има и друга вакцина“, се пожали лидерот на Демократскиот сојуз откако беше вакциниран со руската „Спутник Ве“.

Според пратеникот од власта, тоа било сторено под притисок од јавноста, откако на народните избраници претходно им било најавено дека ќе ја примат вакцината од САД.

„Ам, дан клавет руско влијание во вакцинине?“, би го прашале Павлета охриѓани. Што друго на човек да му падне на памет кога некој ја претпочита американската наспроти руската вакцина, (не)свесен за недипломатскиот призвук? Уште кога по кинескиот Велигден (кинеската Нова година одамна помина) ќе стигнат и вакцините на „Синофарм“, со спакувано кинеско влијание во нив…

Шегата настрана, бидејќи забелешката на Трајанов, барем врз основа на тонот со кој беше искажана, очигледно е сериозна. Но, додека со проблемов не се зафати Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, некогашниот министер за внатрешни работи нека не бере гајле. Има лек за неговата болка.

За да не бидат граѓаните во предност во однос на пратениците, може многу лесно, безболно и елегантно да се реши тој проблем – нека си ги заменат местата. Па, нека видат еднаш и граѓаните како е да се биде без право на избор, односно дискриминиран. Да не мислеа дека лесно им е на пратениците?

Во меѓувреме, нека не се чувствуваат „депутатите“ како оној Хрват од анегдотата во која наводно му пресадиле срце од Србин (или обратно беше?). Еве, и Германците преговараат со Русите за 30 милиони вакцини. И тие се членка на НАТО како ние, ама ним изгледа не им фуфка од руско влијание. „Вакцинирани“ се тие од страв, очигледно. А како и не би кога, како што знаеше на шега да забележи другар ми Штики, два пати му се степаа на светот.

Додуша, не оти па ние нешто многу ѝ се плашиме на Русија. Нема ни зошто. Нас Бујар Османи ќе нè брани. Солидаризирајќи се со новите американски санкции за Москва, шефот на дипломатијата одважно ќе напомне дека Македонија „не е веќе објект на масата, туку е субјект кој седи со најсилните земји во светот на масата на НАТО“.

А војниците, еве сега и пратениците, на најмладата членка на Алијансата се вакцинираа со „Спутник Ве“?! Во исто време министерот за здравство договара стратешко партнерство со Институтот „Торлак“ од Белград, кој во мај ќе почне со сериско производство токму на руската вакцина.

Од една страна, ѝ ‘ржат на Русија, од друга, очекуваат вакцини од неа, а кога ќе добијат колку-толку од нејзините, повеќе би сакале од „Фајзер“?! Што вакцина се прима за ова?