Опозициската партија прашува дали СДСМ го институционализираше криминалот , односно дали даали возила на МВР се користат за шверц на дрога?!
„На Спасовски не му поминуваат лагите. Никој нема да поверува дека дрогата стоела во возилото 5 години. Не е можно возилото 5 години да било возено, да минувало технички прегледи, контроли и граници и никогаш до сега да не е пронајдена дрогата“, се вели во соопштението на ВМР-ДПМНЕ.
„Никој не верува дека дрогата стоела во возилото 5 години на автопаркот на МВР.
Спасовски да не се крие и да излезе со одговори.
Ова не е прв случај на шверц на дрога на луѓе на Спасовски. Претходно американската ДЕА го фати командирот на полициската станица Прилеп како шверцува заедно со шоферот на Заев, и тој наместо во затвор седи во домашен притвор.
Македонија со Спасовски стана наркомека“, реагира опозициската партија.
Според МВР, вработените кои се наоѓале во возилото во кое имало бункер со марихуана, немаат никаква врска до дрогата. Станува збор за вработени во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, кои на 22 септември тргнале на обука во Црна Гора и за службеното патување задолжиле возило од автопаркот на МВР. Се работи за возило кое, според објаснувањето, Министерството го добило од Агенцијата за управување со одземен имот, а било запленето од Царинската управа во акција за сузбивање трговија со дрога пред пет години.
Вработените во МВР немаат никаква врска со дрогата, туку таа била скриена во автомобилот, односно останала од 2016 година кога ова возило било запленето во акција на Царинската управа, а потоа дадено на Агенцијата за управување со одземен имот, од каде што пак е отстапено на МВР. Оттаму додаваат дека за целиот случај го известиле и нашето јавно обвинителство за да постапува понатаму и да го расчисти случајот.
