Задутре, односно на 15 март, повторно ќе се продава зградата на пропаднатата Еуростандард банка. Неофицијално, почетната цена која ќе се бара на наддавањњето, е 8,4 милиони евра. Третата електронска аукција за зградата на Еуростандард банка е закажана за 15 март, откако претходно имаше две неуспешни аукции за продажба на овој објект. 

Како што е познато, од средствата кои ќе се добијат треба да бидат подмирени депонентите на банката, а тоа се оние граѓани кои имале штедни влогови поголеми од 30.000 евра, како и некои компании. Оние со помали заштеди, пак, беа обештетени од државата. 

А, зошто беа неуспешни досегашните аукции?

„Според експертите за проценка на недвижен имот, неуспешните досегашни аукции водат кон заклучок дека можеби вредноста на овој објект е преценета, и дека некој со тоа намерно го кочи процесот на обештетување на депонентите“, укажува еден од учесниците на поранешните аукции кој бара да остане анонимен.

Тој додава дека според реномирана, независна ревизорска куќа која направила процена на вредноста на оваа зграда (по официјални методологии за процена на недвижен имот), реалната вредност не кореспондира со она што неофицијално се бара, а тоа се 8,4 милиони евра.

Објектот има вкупна површина од 3.489 квадратни метри, во кои влегуваат 1.512 м2 под земја наменети за трезор, архива, помошни простории и 20 паркинг места. Канцеларискиот простор е само 1.977 м2. 

Пвој наш соговорник вели дека објектот ревизорите и овластени проценители го проценуваат на 5,3 милиони евра.

Објектот не се продава парцијално туку целосно, и навистина станува збор за голем износ на средства за македонски услови кои треба да се издвојат за овој деловен објект.

„Деловната зграда на Еуростандард банка е лоцирана во строгото централно подрачје на град Скопје, надворешно изгледа атрактивно и секако е штета да не се користи од некого. Особено што со текот на времето ако не се одржува, ќе се обезвреднува и ‚може да ја прегази времето’“!, објаснува тој.

Инаку, дека е од големо значење да се продаде оваа зграда, е факт, па затоа и според нашиот соговорник тој имот треба теално да се процени, и тоа е нешто кон кое треба да се тежнее, со цел штедачите да ги добијат своите средства.