Доколку продолжи неконтролираниот развој на вештачката интелигенција (AI), поттикнат од конкуренцијата меѓу компаниите, ако не застанеме за да одредиме насоки за нејзиниот развој и некои регулативи, може да ни се случи таа да не совлада и да не замени како што Хомо сапиенсот ги замени Неандерталците, предупредува физичарот и истражувач на вештачката интелигенција Макс Тегмарк во неодамнешно интервју, пренесува Индекс.хр.

Макс Ерик Тегмарк, физичар, космолог и истражувач, професор на МИТ и претседател на Институтот за иднината на животот (Future of Life Instituta) меѓу другото објасни зошто е загрижен за сегашниот начин на развој на вештачката интелигенција и зошто со група научници, мислители и експерти за вештачка интелигенција започнаа отворено писмо со барање за шестмесечен мораториум за понатамошен развој на системи помоќни од GPT-4.

Во писмото, во кое се критикува постоечкиот пристап во стилот – прво ќе го изградиме бродот, па ќе го поправаме – предупредува дека важната трка во развојот на вештачката интелигенција ја водат челници на компании кои не се избрани претставници на народот, на кои авторите на писмото поставуваат четири прашања:

 Дали треба да дозволиме машините да ги преплават нашите информативни канали со пропаганда и лага?

 Дали треба да ги автоматизираме сите работни места, вклучително и оние што ги исполнуваат животите на луѓето со значење?

 Дали треба да развиеме не-човечки умови кои на крајот би можеле да нè надминат, надмудрат, застарат и заменат?

 Дали треба да ризикуваме да ја изгубиме контролата над нашата цивилизација?

Писмото досега го потпишале повеќе од 27.500 луѓе.

Но, тешко е да се очекува дека самото писмо би можело да ги запре или забави компаниите како Гугл и Мајкрософт, но неговите пораки може да стигнат до политичарите кои би можеле да преземат законски мерки.