Дали оваа стара вест ви звучи познато: Фатени 32,5 кг дрога во Крајслер Војаџер

Веста е стара 6 години а во неа се зборува за 32,5 Кг марихуана фатена при влез во Македонија во возило Крајслер Војаџер.

За ист модел на возило и помала количина на дрога се зборува и во случајот со автомобилот кој е користен од МВР за транспорт на полициски припадници кога пред неколку дена црногорските власти фатија дрога од Македонија.

Во периодот кога возилото е фатено од царината министер за внатрешни работи е Оливер Спасовски. Истото лице и сега го води МВР.

Според МВР запленетото возило од царината било дадено на Агенцијата за одземен имот од каде стигнало во МВР наводно со запленатетата марихуана и така се користело цели 6 години од полициски службеници.

Според фотографиите се гледа дека бункерот кој сега го пронашле црногорските власти бил отворен и сега но и пред 6 години. Невозможно е царината тогаш со куче трагач да не ги нашла сите бункери полни со дрога во возилото.

Како е можно еднаш пронајдениот бункер кој бил проверен и испразнет по 6 години пак чудотворно да се наполни со дрога засега останува нејасно.

Веста во продолжение е стара 6 години:

На граничниот премин Блаце царинските инспектори од Одделението за оперативни работи спречија обид за шверц на 32,5 килограми марихуанa.

На 2 декември 2016 година, околу 20:00 часот на влез во Република Македонија на граничниот премин Блаце, пристигнало патничко моторно возило марка „Chraysler Voyager“ со шведски регистарски ознаки, управувано од лицето А.Т. државјанин на Кралството Шведска.

На прашање на царинските инспектори „дали има нешто да пријави за царинска контрола“, осомничениот одговорил дека нема ништо за пријавување.

Царинските инспектори се посомневале во одговорот и пред да пристапат кон детална контрола на возилото, го искористиле царинското куче кое детектирало присуство на наркотична дрога во возилото

При прегледот на возилото, во специјално конструиран простор наменет за пренесување на дрога, затворен со метален поклопец, биле пронајдени вкупно 61 пакување наполнети со наркотична дрога марихуана со тежина од околу 32,5 кг. Помеѓу опаковките било истурено кафе и ориз, додека бункерот бил премачкан со непозната течност, со намера да се прикрие миризбата на марихуаната.

Осомничениот за паричен надомест од 10.000 евра, со лица од Албанија се договорил да пренесе поголема количина на наркотична дрога од Тирана-Албанија за Малме – Шведска. Вредноста на запленетата марихуана на западно европскиот нарко – пазарот би достигнала цена од околу 100.000 евра.

Против сторителот, Царинската управа поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсори“ до надлежното јавно обвинителство.

Шест години подоцна црногорците наоѓаат исто возило со помалку дрога а МВР вели дека дрогата е стара 6 години.

Каде е разликата од 2,5 килограми марихуана е посебно прашање.