Додека земјите од Западен Балкан сонуваат за влез во ЕУ, ветуван речиси дваесет години, нивните народи, како што пишува париски „Фигаро“ , изразуваат сомневања дека новата структура – Европската политичка заедница (ЕПЗ), од која Русија е исклучена, ќе ги исполни нивните очекувања.
Дали оваа Европска политичка заедница, почната на 6 октомври во Прага ќе ја забрза интеграцијата на нациите од Западен Балкан, или ќе биде чекалница за регионот уморен од неможноста да се приклучи на ЕУ, а кој го посакуваат Кина, Русија и Турција?
Ако претседателот Емануел Макрон увери во неговата „Стразбуршка заклетва“ пред Европскиот парламент, на 9 мај 2022 година, дека „за Западен Балкан, патот е веќе трасиран“, оној на пристапувањето, нејасностиите сè уште преовладуваат во овие земји.
Вознемиреноста да се остане на прагот на ЕУ барем уште една деценија е разбирлива со оглед на тоа што европскиот хоризонт му беше понуден на регионот пред речиси дваесет години, за време на Европскиот совет во Солун на 21 јуни 2003 година, а само Хрватска и Бугарија оттогаш станаа членови на ЕУ, потсетува „Фигаро“.
За балканското јавно мислење, ЕПЗ не е јасен проект. Албанија го поздрави, како и Црна Гора, гледајќи го како платформа за дискусија за низа теми, додека на Косово речиси и не се споменуваше, освен да се нагласи неговото учество, подвлекува Агон Малиќи, политички аналитичар со седиште во Тирана.
„Во Босна и Херцеговина, инерцијата и поделбите се такви што преовладува скептицизмот“, додава западен дипломат стациониран во Сараево. Од страна на Македонија, премиерот Димитар Ковачевски ја поздравува иницијативата за ЕПЗ, но инсистира дека таа „не треба, и не смее да го замени полноправното членство во ЕУ“.
Што се однесува до Србија, нејзиниот претседател Александар Вучиќ потврди дека тоа „ќе биде можеби најважниот и најинтересниот ден во последните десет години, бидејќи ќе знаеме каква ќе биде архитектурата на Европа, а што ја чека Србија“…
