Дали намалените и замрзнати цени кои би требало да започнат да се применуваат од денеска ќе придонесе да се намали ценовниот притисок врз граѓаните? Ќе се ублажи ли ударот врз животниот стандард на мнозинството жители во земјата или напротив нивниот ефект ќе биде минорен, анализира Фактор. Граѓаните продолжуваат да негодуваат, поскапувањата значително се чуствуваат, редовно се споделуваат приказни колку повеќе храна и пијалоци се купуваа отколку што можат да си дозволат овие денови.

Експертите велат мерката е позитивна, но е задоцнета, сепак, очекуваат да има позитивно влијание и врз граѓаните, и потенцираат дека Владата треба редовно да презема мерки кои ќе ги регулираат случувањата на пазарот, во насока на заштита на граѓаните.


–  Замрзнувањето на цените на одредени прехранбени производи е задоцнета, но позитивна реакција на државата при постојната состојба на пазарот. Задоцнета е бидејќи во меѓувреме, додека државата не реагираше, сопствениците на производни и трговски капацитети трупаа ектрапрофити на сметка на граѓаните. Ако може Народна банка постојано да внимава на инфлацијата преку контрола на каматните стапки, и Владата може тоа да го прави преку замрзнување на цените на оние стоки на пазарот каде што има преголема разлика меѓу производната и продажната цена – вели професорот Здравко Савески за Фактор.

–  Самата мерка на замрзнување на цените сигурно не е магично стапче. Ако луѓето не потпаѓаат под интензивниот маркетинг што ги наведува на импулсивно купување непотрепштини и ненужно задолжување, материјалната состојба на домаќинствата може да забележи значителен напредок – посочува Савески.

За потсетување, вчера владините претставници објавија дека одлуката за замрзнување и намалување на цените е донесена и истата ќе почне да се применува веднаш штом се објави во Службен весник. Точната листа на производи кои се опфатени со последната мерка на Владата може да ја видите на следниов линк.