Дали е фер колегата кој е на иста работна позиција со Вас, да зема поголема плата? Што велат експертите? (Резултати од анкетата)

Како да постапи еден работник доколку дознае дека неговиот колега кој е на иста позиција и има исти работни обврски, зема поголема плата? Дали работникот треба да му замери на неговиот колега што успеал да испреговара поголема плата од него?

На овие две прашања порталот Работник одговори побара од Катерина Златановска – Попова, Советник за развој на кариера и тренер за меки вештини, која има и искуство во областа на човечките ресурси. 

Прилично е тешко да се одговори на едно вакво прашање со едноставни и кратки реченици, бидејќи платата е сензитивно прашање, а секој човек мисли дека дава многу за платата што ја зема, вели нивната соговорничка.

„Она што сакам да го нагласам е дека најдобриот начин за да може да се цени сработеното, да се цени работата на работниците, е преку примена на систем кој се нарекува Key Performance Management System (систем за процена на сработеното). Ова ,всушност, е систем кој компаниите треба да го имаат воведно во своето работење за преку оценка на компетенциите на сите вработени да можат да направат вистинска процена на тоа кој колку работи и кој колку треба да биде награден за сработеното“, посочи Златановска – Попова.

Катерина-Златановска-Попова

Тука, практично, на сцена влегува начинот на кој се менаџира работењето во компанијата и како всушност треба да биде изрегулирано, појасни таа и додаде дека кога станува збор за системот на мерење на сработеното, тоа треба да биде направено на повеќе начини, не само од работодавачот или директно од претпоставениот менаџер кон работникот, туку и од страна на колегите и клиентите. Тоа е еден цел комплексен систем, според кој можеме да дискутираме дека работникот е фер оценет и фер платен за својата работа.

Се останато е нешто што се сведува на личен пристап или начин како одреден работник да се испазари за што подобра плата за позицијата на која работи, истакна Златановска – Попова.

„Тоа некако го гледам во трансферот на спортисти. Во еден тим имате спортисти на истата позиција, но сите сме сведоци дека некои за да дојдат да играат во клубот, истиот ќе мора да ги плати малку повеќе од другите, поради тоа што можеби имаат поголеми вредности. Ние, експертите, ги нарекуваме ѕвезди во тимот, односно во компанијата“, рече Златановска – Попова.

Ова, како што вели, најчесто го прават работодавачите кои сакаат во нивната компанија да ги донесат оние кои сметаат дека ќе им направат поголем профит и ќе бидат додадена вредност за нивниот бизнис.

Сепак, според неа, ова во реалниот живот не се покажува секогаш како најдобрата инвестиција. Не секогаш таа т.н. ѕвезда е прифатена во компанијата и не секогаш успева да се вклопи во културата на истата, така што тоа е „меч со две острици“.

„Она што е поважно е да се обидете како работник или како потенцијален вработен кој сака да преговара за својата плата, е да му помогнете на својот работодавач да разбере за да согледа што се‘ вие покривате или работите. Ако веќе сакате да преговарате за поголема плата, обидете се да направите листа на која јасно ќе ги истакнете сите ваши вредности и обврски и како истите создаваат вредност за компанијата. На тој начин можете да го истакнете сето она што компанијата го добива од вас или да побарате зголемување на платата или некакви други поволности“, објасни Златановска – Попова.

Дали работникот треба да му замери на колегата на иста позиција, што успеал да испреговара поголема плата од него?

Златановска – Попова смета дека не треба да му замерува, во смисла на тоа, дека очигледно постоела некоја причина, односно дека можеби новиот колега има поголеми компетенции. Таа смета дека не е само до вештината подобро да се испреговара поголема плата или како што се вели народски, да се продаде.

„Би рекла дека можеби е подобро да се инсистира, да се воведат стандарди во компанијата, да се воведе начин за можно напредување. Дури и во рангот на еден ист сектор да можат да постојат нивоа кои јасно би биле поставени, за јас, на пример, како работник да можам доколку исполнам одредени нивоа или компетенции да напредувам, односно да прејдам на следното скалило“, вели таа.

Златановска – Попова апелира на поголема транспарентност на платите во компаниите, бидејќи сознанието дека другиот колега кој е на иста позиција, зема поголема плата, може многу да го демотивира вработениот.

Што покажа анкетата на Работник?

Редакцијата на порталот Работник направила и една кратка анкета на Фејсбук страната, преку која сакале да го дознаат мислењето на читателите и следбениците за тоа што би направиле доколку би дознале дека нивниот колега кој е на иста работна позиција, зема поголема плата.

  • 74 % од испитаниците рекле дека ќе разговараат со менаџерот за да им ја зголеми платата,
  • 15 % рекле дека веднаш ќе дадат отказ и
  • 11 % посочиле дека ќе молчат, бидејќи немаат друг избор.

Инаку, на анкетата одговориле 387 лица.

Оргиналниот текст на следниот линк:

Дали е фер колегата кој е на иста работна позиција со Вас, да зема поголема плата? Што велат експертите? (Резултати од анкетата)