Судир во владеачката коалиција откако трите партии на власта ја демантираат заменичката министерка за правда Викторија Аврамовска Мадиќ за авторите на измените на кривичниот законик со кој од прогон се спасија многу луѓе инволвирани во корупциски кривични дела.
Спорните измени на Кривичниот законик со кои се овозможи заштита од прогон на сите лица чии судски процеси се неправосилни, а се опфатени од кривичните дела злосторничко здружување, злоупотреба на службена положба и злоупотреба при јавни набавки, биле подготвени во Владата.
Ова го тврди заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ во изјава за ИРЛ појаснувајќи дека измените се креирани од владините коалициски партнери, СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците, а по нејзин налог технички ги искуцала дактилографката од нејзиниот кабинет.
ИРЛ ги контактирала трите коалициски партнери од власта кои ги посочи заменик-министерката за правда, а испратиле и прашања до Владата.
Наспроти тврдењето на Викторија Аврамовска Мадиќ кадар на СДСМ, дека интервенцијата во членовите 353 и 394 од Кривичниот Законик е партиски коалициски договор, од СДСМ одговориле дека измените биле подготвени од Министерството за правда, а улогата на политичките партии можела да се види само во делот на собраниската процедура.
Од Алијанса за Албанците остануваат на ставот дека не дале поддршка за измените во Кривичниот законик, ниту пак дека учествувале во осмислувањето на истите.
„Таа [заменик-министерката] сега сака да се извади, па затоа го кажува ова“, изјавиле од Алијанса за Албанците во изјава за ИРЛ.
Од поголемиот коалициски партнер во Владата, Демократската унија за интеграција (ДУИ), не одговориле на прашањата од ИРЛ, ниту на телефонските повици.
Одговори не биле добиени ниту од Владата за да појаснат како коалициските партнери се договориле, кој во Владата ги напишал измените со кои се спасија голем дел од обвинетите во случаите на расформираното Специјално јавно обвинителство (СЈО).
Целата сторија на овој линк.