Дачиќ: Приштина попрво ќе отвори амбасада на Месечината отколку во Белград

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека Приштина нема, не може, ниту некогаш ќе има свое дипломатско претставништво во Белград и додаде оти Приштина попрво би отворила амбасада на Месечината отколку во Белград.

Во врска со „бруталната лага“, како што го нарече објавеното на сајтот на МНР на Косово, на кој во рубриката „амбасада“ се споменува и Република Србија, Дачиќ нагласи дека Приштина никогаш нема да има свое дипломатско претставништво во Белград, без разлика како се обидува да ѝ го претстави тоа на јавноста.

„Во Белград 72 странски дипломатско-конзуларни претставништва се акредитирани на ниво на амбасади, кои претставуваат суверени и независни држави, што самопрогласеното Косово не е, ниту некогаш ќе биде“, изјави Дачиќ за Танјуг.

Тој додаде дека Белград и Приштина, за време на техничкиот дијалог што трае од 2008 година, договориле распоредување на офицери за врска, кои се физички лоцирани во просториите на делегациите на ЕУ во Белград, односно во Приштина.

„Офицерите за врска немаат дипломатски статус, ниту претставуваат увертира за отворање амбасади, туку нивна задача е да помогнат во меѓусебната комуникација и да го следат спроведувањето на постигнатите договори“, објасни Дачиќ и нагласи дека никогаш немало разговор за отворање какви било амбасади или за давање надлежности што ги имаат амбасадите.