„Русија верува дека Косово е преседан кој може да биде добар за секоја сепаратистичка територија во светот, а Западот дека тоа е sui generis што важи само за Косово и никаде на друго место во светот“, изјави српскиот министер за надворешни и вицепремиер во новата српска влада Ивица Дачиќ во интервју за ТВ Прва.

Зборувајќи за Косово, тој рече дека Србија не може да се потпре на пораките на Западот и праша дали треба да ја отсече единствената гранка на која се држи.


-Тоа што го велам е здрав разум. Им го кажав тоа и на претставниците на Америка – секој човек и животно се држат за една гранка додека не најдат друга. Дали вие сакате да ја пуштиме таа гранка преку бездната, а да не се фатиме за ниедна друга , изјави Дачиќ, пренесува дописникот на МИА..

Вели дека на Запад „повеќе не се бара политичко решение за косовскиот проблем, туку само анестезиолошко, за да ѝ биде полесно на Србија да ја проголта независноста на Косово“.

„Тоа е сосема погрешен пристап и не може да наиде на позитивен одговор од наша страна. Затоа Вучиќ тоа го презентираше на Советот за национална безбедност, ќе направиме се за да продолжи дијалогот, но не ни даваат простор и теми да се води дијалогот“, рече Дачиќ.