Најде кој да зборува за морал. Синонимот за неморал, нечесност, предавство, нашол да го проблематизира моралот на кандидатката за градоначалник на Скопје. Се-де-се-то и Зокито ќе морализирале за Данела.

„Проблемот“ со наводното бугарско државјанство на Арсовска, за кое таа демантира дека го има, „е политички, етички, нечесен“, ќе констатира Заев. Па, уште ќе ја повика да се повлекла од локалните избори, и тоа откако по првиот круг освои безмалку 8 илјади гласа повеќе од неговиот пулен Шилегов.

Да не беше смешно, ќе беше – смешно. Човекот за кој било банално прашањето за оставка по 14 живи изгорени пациенти во тетовската модуларна антиковид-болница дели лекции за етика?! Претендентката за градска мајка на главниот град ја обвинува за нечесност, а самиот веќе втор мандат премиерствува како притворен, па помилуван за криминал (во струмички „Глобал“)?!

На потписникот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, за кој Македонците и Бугарите се „братски хора, с’шти народ“, Гоце Делчев Бугарин, а бугарската војска во Втората светска војна не била окупатор, туку администратор во Македонија, одеднаш му пречи источниот сосед? Па, бугарските државјанства ги (зло)употребува за дискредитација на политичкиот конкурент, (не)свесен дека ја навредува земјата од која очекува да го симне ветото за почеток на преговори со Европската унија?!

„Во Скопје не минуваат странски инсталации, кои работат на штета на државните интереси и интересите на граѓаните“, ќе порача, ни помалку ни повеќе, партијата што дојде на власт токму со обилна помош – однадвор. И која го смени името на државата спротивно на „интересите на граѓаните“, јасно изразени со масовниот бојкот на пропаднатиот референдум.

Не е можно дека се надеваат оти со ваква мизерна кампања ќе премислат или придобијат некого пред вториот изборен круг в недела. Наместо да ја оспоруваат програмата на Арсовска, да нудат противаргументи на нејзините околу развојот на најголемиот македонски град, испаничениве мислат дека со ниските удари врз Данела ќе го направат Петрета попривлечен за скопјани?! Дека со тактиката „кого удрам – не жалам“ ќе постигнат нешто?

Опозицијата и нејзините гласачи и симпатизери Злоче лаконски ги прогласи за „сили на злото“, а поголема злоба од него(виве) деновиве – здравје. Божем, по кој знае кој пат, ја примиле пораката од народот, а пооднародени никогаш не биле. Повикуваат да се обединиме, а со секој нов ден само уште повеќе ги продлабочуваат поделбите.

Во едно нешто се во право. Како што велат самите, „во недела граѓаните силно ќе го поразат овој обид за нивно потценување“.