ВМРО-ДПМНЕ од денеска започнува со протести поради тајните преговори што двоецот Заев–Бучковски ги води со официјална Софија, а се однесуваат практично на иднината на Македонија и евроинтегративниот процес на македонскиот народ, нација и држава во рамките на Европската унија.
„Она што … сакам да го кажам, но и да го повторам е дека од високи дипломатски извори, од Брисел, но и од официјална Софија дознаваме дека барањата коишто се составен дел од Декларацијата усвоена во бугарскиот парламент практично ќе бидат дел од преговарачката рамка на Македонија со Европската унија“ изјави лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски.
Од тој момент билатералниот проблем којшто ние го имаме со официјална Софија, а се однесува на посебноста на македонскиот народ, култура, традиција, обичаи, македонскиот јазик, антифашистичката борба, сите оние проблеми коишто се содржани во Декларацијата усвоена од бугарскиот парламент ќе бидат проблем којшто ќе го имаме ние со Европската унија, односно од билатерален проблем, тоа ќе прерасне во проблем помеѓу Македонија и Европската унија“.
Мицкоски апелираше до сите политички партии без разлика дали се леви, десни или центар, без разлика дали се парламентарни или надвор од парламентот, да се приклучат на барикадите, за тоа што македонскиот народ, македонската нација заслужуваат одбрана во овој момент.
„Да не биде после тоа доцна, за тоа што грешката денеска која што ќе се направи може да има влијание на иднината на сите оние генерации кои што се неродени и сите оние генерации кои што практично се денеска со нас и кои што треба нас да не наследат…“
Протестите со блокади ќе се одржат во десет градови и на три локации во Скопје во периодот од 15 до 17 часот.