Да му помогнеме на Заев! – Пишува Роберт Димитриевски

Треба и мора, дури и крајно време е, да му се помогне на Зоран Заев, кој се пожали дека нема да можел и понатаму да ја усреќува Македонија како премиер ако го загуби Скопје на локалните избори. Ете им шанса на „злите“ на 31 октомври да направат и нешто добро – да му ги скратат маките на водачот на „прогресивните“. Нека не се малтретираат повеќе ни тој ни граѓаните ни државата.

Нема смисла филантропот во првата владина фотелја да се деранжира за да обединува, „ако Скопје даде поддршка на спротивното од тоа, на тие што се националисти, што разединуваат, па макар колку сака да се скриени зад наводно независна кандидатка, па макар колку сака да се замаскирани зад коалиции со единствена цел: власт, моќ и пари“. А докажано е дека брат му на Вице Н. и тие околу него ич не се по власта, моќта и парите. Толку што се несебични и посветени на правење саде добри дела, во интерес на заедницата, одвај наоѓаат време да се издуваат со квадовите, моторните санки, бесните мотоцикли, глисери.  

Не може сидрото да влече напред, а овие од главниот град упорно да го влечат како и секое сидро – на дното. Од чист завидлизам. Оти на претседателот на Владата супер му оди на сите полиња во државава, ама разгалениве скопјани, но и мнозинството други граѓани, а богами и селани, никако да го увидат тоа. Дека им е ептен арно, само не се свесни. Нема што не фати човеков, а да не го отвори како пупка, а тие ни едно благодарам не знаат да кажат.

Такви неблагодарници со боринче да бараш нема да најдеш. На толку реализирани проекти на Петре Шилегов, сенешто да се мрчело. Па, раскопанине булевари не се реконструираат случајно со брзина на полжав, туку за возачите да имаат повеќе време за одмор додека дремат во непрегледните колони возила на враќање од работа. Штанцањето нови и нови партиски вработувања во градските служби е од чисто хумани побуди – да не се иселат луѓето како Пендаровски, ако не беше претседател.

Речиси секојдневните прекини во водоснабдувањето поради отстранувањето дефекти на дотраената мрежа е директна помош за семејните буџети: нема вода – нема (висока) сметка и оп – парите вратени кај граѓаните. И родителите среќни што Петре го „закопа“ луна паркот – се спасија од тегнење за ракав од децата за користење на реквизитите и со паричките што им останаа ќе можат да им купат – таблет. Да си поиграат.

Што ли уште корисно нема да стори градскиот татко од партијата на „прајминистерот“ ако ситничавиве скопјаништа му дадат барем уште еден мандат? Па тоа зиплајни, тунели под Кале, трамваи на тркала, чудесии. „Петре во земјата на чудата“ ќе стане нова лектира. За децата и на другите континенти кога ќе ја читаат да се вдахновуваат од неговата визија „за грацките работи“.

Еден ден скопјани ќе ги бараат Петрета и Зокито, но доцна ќе им биде. Кога им се нудеа да ги обединат и сите сложно да тргнат кон прогресот, тие им наоѓаа мани. Станаа ортаци со злото. Не ја сфатија вселенската мудрост „баклавата изедена, тепсијата стоо“ (додуша не ја сфати никој, а мора да се признае дека јако звучи). Мораше дури и пенис да симулира со рацете и пак остана – неразбран. Несфатливо, велам. А толку беше експлицитен „чувеко“.

Затоа, напомош на муртинецот за десет дена од сега. Сите заедно да му помогнеме да не го работи повеќе тоа што најдобро не знае да го работи цели пет години. Да не се мачи повеќе да нè прави посреќни, пообединети, побогати, поевроинтегрирани. Едноставно, не (го) заслужуваме.