Професорот Љубомир Цуцуловски не прифаќа (из)брз(ан) одговор за најновиот француски предлог за кревање на бугарското вето, барајќи референдум.
„НЕОПХОДЕН Е РЕФЕРЕНДУМ. Според фејсбук соопштението на премиерот Ковачевски, најновиот француски предлог ќе бил ‘…ставен на широк консултативен процес’. Во тој процес, како што објавува Ковачевски, ќе биле вклучени Владата, политичките партии, претседателот на Државата, Парламентот, граѓанскиот сектор (што ли му е тоа?), експертската, како и с е в к у п н а т а јавност. Притоа, овој консултативен процес ќе се остварел во н а р е д н и т е денови. Значи дека за толку битна одлука, од која целосно зависи судбината на македонската држава/народ, ќе се расправа/консултира (sic!) само во наредните денови – ни повеќе, ни помалку. Или, што е исто, само н е к о л к у дена.
Настрана го оставам прашањето според кој принцип е направен редоследот на тие што ќе бидат консултирани. Односно, зошто на прво место е наброена Владата, па дури на крајот е ставена севкупната јавност/граѓаните, бидејќи многу побитно е да се имаат предвид следниве два момента:
(1) Не е можно да се консултира мислењето на севкупната јавност без (наедно) да се одржи р е ф е р е н д у м, чиј резултат ќе биде одлучувачки, конечен. Впрочем, затоа и постојат референдуми – да се консултираат граѓаните, т.е. да се констатира и потоа да се почитува нивното мислење.
(2) Не е можно да се остварат стварни, што значи в и с т и н с к и консултации (за толку битна одлука) само во неколку дена, бидејќи за таква одлука потребни се месеци и месеци, исполнети со дискусии и консултации, бидејќи по неа не ќе биде можно враќање назад. Односно, не ќе може да се прифати пишманењето од типот ‘Пуј пике, не важи!’.
Накусо, доста е со однесувањето според принципот ‘Купи ден, продај држава/нација“, пишува Цуцуловски на Фејсбук.