Цуцуловски: Ако Бугарија и Цар Борис Трети не биле дел од фашизмот, зошто им објавиле војна на САД и Британија?

Професорот и филозоф Љубомир Цуцуловски со неколку прашања одговара на тезата дека Бугарија и Цар Борис Трети, кој ја внесе во Тројниот пакт, не биле дел од фашистичките сили во Втората светска војна.

„АКО Е ТАКА… Некои и понатаму тврдат дека Бугарија и Цар Борис Трети не биле дел од фашистичките сили. Ако е така, тогаш зошто Бугарија склучила пакт со Тројната оска на 1.03.1941 год.? Зошто истата година (на 13 декември) им објавила војна на САД и на Обединетото Кралство? Или САД и Обединетото Кралство во тоа време биле фашистички земји? Ако е така, тоа навистина би бил оригинален бугарски ‘придонес’ кон општата светска историја.

Исто така, ако не била фашистичка земја, зошто во периодот од ноември 1943 до април 1944 била бомбардирана од Сојузничката авијација? Претходно (април 1941) била бомбардирана од RAF – Кралското воено воздухоплоство.

Прашањата, се разбира, имаат само реторичка природа, бидејќи нивните одговори се општопознати“, констатира Цуцуловски