Низ Германија има проблеми поради „црниот мраз“ кој се појавува на патиштата и тротоарите. Метеоролозите издадоа предупредувања за речиси цела држава, наставата е откажана, има прекини во воздушниот и железничкиот сообраќај, а на патиштата има голем број сообраќајни несреќи во кои има и загинати.
Издадени предупредувања
Германската метеоролошка служба (DWD) издаде сериозни предупредувања за опасни временски услови поради замрзнатиот дожд, кој предизвикува речиси невидлив слој мраз на земјата. Издадени се предупредувања за делови од сите германски сојузни покраини. Поради мразот можен е застој во сообраќајот, а на места непроодни се патиштата и железницата.
Замрзнат дожд со формирање на мраз на теренот најпрвин се појави во западниот и северозападниот дел на земјата, а потоа и во централниот дел. Замрзнат дожд во текот на денот ќе биде широко распространет и на североисток и исток, соопшти DWD. Во Северна Рајна Вестфалија ситуацијата се уште се смирува.
DWD советува што е можно повеќе да избегнуваат да бидат на отворено, а оние кои денес мораат да користат автомобил се повикуваат да го прилагодат начинот на возење. DWD исто така ги советува возачите да ги полнат резервоарите и да носат со себе ќебиња и топли пијалоци.
Откажување на часови
Поради опасното време, наставата беше откажана во голем број области во Долна Саксонија (вклучувајќи ги Хановер и околината), Хесен, Рајнланд-Пфалц, а наставата беше делумно откажана во областа Бад Кисинген. Во училиштата во Бремен присуството е задолжително само од третиот час.
Низа несреќи, има и загинати
Низ Германија се регистрирани голем број сообраќајни несреќи поврзани со временските услови, кои резултираа со неколку повредени и жртви. Во сообраќајна несреќа на автопатот 27 меѓу Бремен и Хановер загина 25-годишен возач. Портпаролот на полицијата изутрината изјави дека автомобилот излетал од патот поради лизгавиот коловоз. Несреќата предизвика сообраќаен колапс. Тракторист загина и во несреќа на завеан и замрзнат пат во Холцхаузен (област Рајн Лан).
Во Офенбах кај Франкфурт автобус на јавен превоз удри во дрво поради „црн мраз“ на патот. Во несреќата се повредени 12 лица, а пожарникарите се на терен.
Oткажувања на летови и железнички линии, затворени зоолошки градини
„Црниот мраз“ утрово го прекина сообраќајот и на аеродромот во Франкфурт, еден од најголемите во Европа.
Поради временските услови има застој во сообраќајот и откажување на летови, соопштија од аеродромот. Според портпаролката на аеродромот, 176 од околу 1.100 полетувања и слетувања веќе се откажани. Германските железници објавија информации за прекин на некои железнички линии во Франкфурт и Манхајм. Поради зимски услови на патиштата во моментов има ограничувања за локалниот јавен превоз низ Хесен. Во Франкфурт сите автобуски линии, како и метрото и трамваите се погодени од проблеми, што резултира со доцнење, отстапување од возниот ред и откажувања, соопшти франкфуртското јавно сообраќајно претпријатие VGF.
Зоолошките градини во Рошток и Хале се затворени поради мразот.