На седницата на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп се разговараше за тешката економска и политичка состојба, информира Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ, додаде тој, смета дека оваа Влада ја донесе државата во девастирачка состојба, каде што најглавните проблеми на граѓаните се инфлацијата, растечката сиромаштија, скапата струја, ниските плати и лошиот стандард.
Според него, не помалку сложена е ситуацијата и на политички план. „Владата, создавајќи го проблемот со Бугарија, државата ја втурна во ќор-сокак, без надеж за напредок во евроинтеграциите“.
„Нема интеграција, но има условувања и откажувања од идентитетот, кои се туркаат на мала врата. Токму поради сето ова, Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ усвои две главни барања како одговор на политичката и економската криза.
Првото е организирање предвремени парламентарни избори најдоцна до пролет 2023 година како единствен излез од економската и политичката криза и поддршка на Централниот комитет на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во ставот за неприфаќање промена на Уставот под диктат на Бугарија.
Второто барање е итно усвојување на нашите предлози, кои се однесуваат за закрепнување на економијата, стандардот и општественото живеење, а чии предлози се наоѓаат во Собранието во форма на предложени амандмански решенија за новиот буџет. Овој пакет од над 10 мерки значи интервентна поддршка на економијата“, нагласи Мисајловски.
„Бараме:
1. Одложување на зголемувањето на даноците преку одложување на предвиденото прогресивно даночење, кое треба да почне од 1.1.2023 година;
2. Спречување зголемување на цената на струјата за домаќинствата и бизнисот преку одложување на предвиденото зголемување на ДДВ за струја од 5 на 10 %;
3. Воведување викенд без ДДВ до крајот на кризната состојб;
4. Поддршка на домашните компании преку намалување на акцизата за течни горива;
5. Парична помош за ученици од основното и средното образование од семејства со месечни примања помали од просечната плата;
6. Субвенции за зголемување на висината на студентскиот оброк од 120 на 160 денари;
7. Реконструкција на студентските домови;
8. Набавка на нова медицинска опрема за јавните здравствени установи;
9. Зголемување на буџетот за набавка на инсулин;
10. Зголемена капитација на бодовите за матичните лекари, стоматолозите и гинеколозите.
Сосема е јасно дека со оваа Влада, Македонија тоне.
Потребни се промени што ќе обезбедат иднина.
Бараме сериозен пристап и сериозен одговор од власта“, потенцира потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.