Израелската армија денеска објави нов рок за евакуација на цивилите од северниот дел на Газа на југ од областа.

NYT: Израел ја одложи копнената офанзива во Газа

Жителите можат да заминат од 10 часот по локално време до 13 часот по препорачаната рута, напиша портпаролот на израелската армија на арапски во објава на X, поранешен Твитер.

Израелската војска најави дека нема да ја нападне рутата во тој временски „прозорец“.

„Луѓето кои се грижат за безбедноста на своите семејства треба да се упатат кон југ“, се вели во соопштението на израелските вооружени сили. Имаше информации и дека Хамас ги спречува цивилите да бегаат.

Израелската војска тврди дека стотици илјади Палестинци веќе се преселиле во јужниот дел на Газа по претходните повици за евакуација.

Повикот за евакуација се однесува на повеќе од милион Палестинци на северот пред израелската копнена операција во областа.

Обединетите нации ги критикуваа наредбите и предупредија на хуманитарна катастрофа.

Египетските безбедносни извори соопштија дека египетската страна на границата со Газа се засилува и дека Каиро нема намера да прифати масовен прилив на бегалци.

Заедно со Израел, Египет е единствена драва што граничи со Појасот Газа.