Грчкиот премиер Алексис Ципрас смета дека Македонија има доволно направено за во јуни да добие датум за преговори за членство во Европска унија, а истовремено е песимист за Албанија.
„Верувам дека чекорите што ги презеде Северна Македонија ќе доведат до тоа да добие точен датум за преговори со ЕУ. Би сакал да можам да го кажам тоа и за Албанија, но видовме некои работи кои не се толку добри. Постои лоша проценка во врска со грчкото малцинство во Албанија и како последица на тоа, за жал, тоа нам не ни влева никаков оптимизам во врска со европската перспектива на Албанија. Условите да се оди во тој правец, ако сето ова што го слушнавме е точно, рамни се речиси на нула“, изјави Ципрас на заедничката прес-конференција со премиерите на Бугарија и на Романија и со претседателот на Србија по состанокот на Балканската четворка во Букурешт.