Грчкиот премиер Алексис Ципрас е цврсто убеден дека Преспански договор ќе помине во парламентот на неговата земја, бидејќи за тоа имало доволно пратеници, а за спогодбата имало одобрение и од граѓаните.

„140 страници ги нарекуваат Македонија, сега ќе ги нарекуваат Северна Македонија. За да ја најдете страницата, на ‘Гугл’ ќе треба да напишете ‘Северна Македонија’, кога договорот ќе биде ратификуван. А тој ќе помине зошто и последниот граѓанин – ги разбирам чувствителноста, реакциите и несогласувањата – почнува да сфаќа дека, независно од тешкотиите и од проблемите, овој договор е од корист на земјата, тој ја надградува, ѝ дава динамика. Посебно нашите од Северна Грција разбираат дека не може Македонија, Солун, да стане економска престолнина на Балканот кога е свртена со грб кон соседите“, изјави тој во телевизиско интервју.

Според Ципрас, во решавачкиот момент во грчкиот парламент дури и најголемиот противник на договорот, Панос Каменос, ќе биде во дилема како да гласа, зошто спогодбата била во интерес на државата.

Претседателот на владата на јужниот сосед е уверен дека за договорот од Нивици би гласало уште поголемо мнозинство пратеници ако лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, им дозволи на своите опратеници да гласаат по сопствена желба.