Ципрас да не брза со ратификацијата, бара грчки професор

Грчката влада е премногу желна брзо да го ратификува договорот од Преспа и да ги отвори вратите за соседната земја да влезе во НАТО, но дипломатската нота (дека се усвоени уставните амандмани –н.з.)испратена до грчкото МНР е „проблематична“.

Ова го тврди Ангелос Сиригос, професор по меѓународно право и надворешна политика на универзитетот „Пантеон“ од Атина.

„(Договорот од Преспа) признава (македонски) јазик и државјанство и, за жал, во дипломатската белешка што беше испратена пред неколку дена, се додава, за прв пат „македонскиот народ“, изјави Сиригос за ТВ „СКАЈ“.

Покрај споменувањето македонски народ, дипломатската белешка има посериозен проблем, рече тој, како што пренесува „Катимерини“.

„Тие ни ги испратија амандманите без да го испратат конечниот текст (на договорот). Ова е многу сомнително. Не можете да ги повикате пратениците да гласаат врз основа на тоа дека некои работи (во текстот) ќе се променат, но немаме конечен текст“.

„Ако го ратификуваме договорот, играта е завршена”, предупредува Сиригос.