Чудо во Сараево: Македонските кошаркарки со скалпот на петтата селекција во Европа!

Огромно изненадување приреди женската кошаркарска репрезентација на Македонија во Сараево со триумфот од 68:66 над Босна и Херцеговина, петта на последното Европско првенство, во петтото коло од квалификациите за овогодишниот Евробаскет во Израел и во Словенија!

Успехот го прави уште поголем фактот дека ова не е само прва победа за „црвено-жолтите“ во квалификациската група во која се уште Белгија и Германија, туку и прва по 19 натпревари!

До неа избраничките на селекторот Александар Ашаданов дојдоа со водство во најголемиот дел од гостувањето кај некогашниот медитерански првак и три пати учесник на ЕП и со поените на 16-годишната Милица Николиќ во драматичната завршница во КСЦ „Илиџа“.

Меѓу само осумте кошаркарки во македонскиот состав што влегоа во игра, од кои шест се запишаа во листата на стрелците, се издвоија Анѓелика Митрашиновиќ со 18 поени, Нена Трајчевска со 17 поени и 9 скока, а Ивана Кметовска на 14 поени додаде 6 скока.

Во последното коло в недела од 18 часот во СРЦ „Кале“ е реваншот со лидерот Белгија.