Чиј човек е „финансиерот на навивачите“ Савидис, на Путин или на Ципрас?

Премиерот Заев и провладините медиуми веќе го заборавија човекот што беше обвинет дека финансирал насилство од страна на „Комитите“ против Преспанскиот договор.

Откако Заев за американскиот портал Базфид изјави дека слушал изјави на навивачи дека земале пари од руски бизнисмен а новинари со пристап до тајните досиеа на УБК ја пооддржаа приказната на премиерот уште истиот ден, сторијата падна во заборав.

Дури, во наредната изјава Заев се повлече и се обиде да ја релативизира неговата теза и наводните информации за рускиот тајкун и неговите активности во Скопје.

Причината е едноставна, Савидис е близок на рускиот претседател Путин но во исто време и близок на грчкиот премиер Ципрас.

Тоа то потврдуваат и американски извори.

Во Јануари годинава во опсежна сторија за Савидис американскиот магазин „The American interest“ (Американски интерес) пишува дека за грчкиот премиер Ципрас, Иван Савидис е „IMETEROI“ односно „Еден од нашите“.

Според американскиот магазин Ципрас го прикажува Савидис како лојален инструмент, чиј што капитал владата на Сириза може да го користи за надворешна контрола на различни сектори во разнишаната грчка држава.

Чувствата на Савидис кон Ципрас се слични како тие на премиерот кон грчкиот Понд кој е роден во Грузија а своите пари направени во Русија ги троши во Грција.

Во едно интервју Савидис за Ципрас вели дека тој е како Путин и го предупредува лидерот на Неа Демократија Мицотакис дека тој поради Ципрас никогаш нема да стане грчки премиер.

Како е можно толку близок човек на Ципрас да организира протести во Македонија како што тврди Заев ќе мора еден ден да се расчисти. Особено ќе треба да дадат одговори одговорните лица во Управата за безбедност и контраразузнавање кои што дозволиле оваа приказна да излезе од таму.

Доколку Македонија наскоро не започне официјална истрага против Савидис за неговите криминални и илегални активности тоа ќе биде доказ дека или во УБК работат аматери кои што лажат и го манипулираат својот шеф премиерот Заев или пак дека премиерот манипулирал со полуинформации и шпекулации за кои нема никаква потврда ниту докази.

А Савидис според грчки извори веќе најмил врвни адвокати за тужбата против Истражувачката репортерска лабораторија Македонија (ИРЛМакедонија), партнер на Проектот за известување за организиран криминал и корупција (ОЦЦРП) кој го објави името на Рускиот тајкун од Грција како финансиер и организатор на насилни протести против преспанскиот договор.

За разлика од македонската јавност која што за три дена заборава секакво чудо човекот што тежи 2 милијарди долари според Форбс нема да остави нерасчистена ситуација во која тој е осуден уште пред да биде обвинет.