Повеќе од 50.000 деца и 200.000 возрасни мора да го напуштат украинскиот регион Доњецк.

Вицепремиерката на Украина, Ирина Верешчук повика на масовна евакуација откако претседателот Володимир Зеленски го стори тоа во своето обраќање до нацијата.

„Оние кои ќе се евакуираат треба да се јават во локалните администрации или да пишуваат онлајн во чет-ботови. Луѓето кои ќе дојдат на евакуација ќе бидат земени и транспортирани до местото на евакуација. Тоа може да биде автобус или воз“, уверува Верешчук.

„Разбираме дека некој не сака да се евакуира. За овие луѓе постои одреден формат на одбивање. Постои лична одговорност. Но, повторувам: нема да има гас, нема греење, нема струја“, рече Верешчук.

Претходно и украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека евакуацијата е неопходна. Властите ги обврзаа жителите на регионот Доњецк да се евакуираат.

„Се е организирано, целосна придружба, целосна помош. Потребна е само одлука на самиот народ. Одете, ние ќе ви помогнеме. Ние не сме Русија, за нас секој живот е важен“, додаде украинскиот претседател.