Четирите јавачи на македонската апокалипса молчат откако земјата ја доведоа во хаос – пишува Горан Момироски

Четирите јавачи на македонската апокалипса кои се најодоговорни за состојбите во Македонија сега молчат откако земјата ја доведоа во хаос во кој меѓу другото граѓаните не можат да влезат во својата земја Македонија ако немаат пасоши со Северна.

Димитар Ковачевски, Зоран Заев, Оливер Спасовски и Никола Димитров како луѓе кои преговараа, го потпишаа и го спроведуваа Преспанскиот договор поради кој сега ни се случува хаос со личните документи ги нема никаде да кажат зошто навреме не се преземени соодветни чекори за да се спречи хаосот.

Овие луѓе цели пет години знаеле дека од утре никој нема да може да патува или да вози кола ако не ги сменил документите со Северна а со месеци тоа не е можно поради капацитетот на МВР кое Спасовски го водеше цели 8 години.

Катастрофалната информација која денеска ја објави МВР е директна заслуга на Спасовски, Ковачевски, Заев и Димитров но и на Османи, Груби и другите министри кои 5 години не најдоа решение за проблемот кој сами го создадоа.

Дали мислеа и се надеваа дека вината за нивната неспособност со личните документи ќе ја префрлат на техничкиот министер Панче Тошковски сега е сосема неважно тие се луѓето кои што го доведоа својот народ во неверојатна ситуација.

Целото Соопштение на МВР:

Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека од 00 часот на 13 февруари 2024 година, согласно веќе донесените законски измени, а во врска со Преспанскиот договор, престануваат да важат патните исправи со името Република Македонија и во важност ќе бидат само патните исправи со името Република С. Македонија. Ги замолуваме граѓаните со стари патни исправи воопшто да не се обидуваат да излезат од нашата држава затоа што тоа нема да биде возможно. Граѓаните со двојно државјанство ќе можат непречено да ги користат патните исправи од другата држава. Исто така, потенцираме дека било кој граѓанин на Република Северна Македонија кој ќе дојде на граничен премин за влез во нашата држава, ќе биде примен без оглед на тоа со каква патна исправа доаѓа.
Што се однесува до личните карти, ги известуваме граѓаните дека тие ќе важат и по 13 февруари, без оглед дали се со името Република Македонија или Република Северна Македонија и граѓаните ќе можат да ги користат непречено на територијата на нашата држава. За излез, пак, од државата во земјите со кои имаме билатерални договори за патување со лична карта, граѓаните нема да бидат враќани од страна на нашите гранични полициски службеници доколку имаат лична карта со името Република Македонија, но не можеме да гарантираме дека ќе бидат примени од другите држави. Истото важи и за сообраќајните дозволи, како и за личните карти.
Околу возачките дозволи, ги известуваме граѓаните дека од 00 часот на 13 февруари 2024 година ќе важат само возачките дозволи со името Република С. Македонија. Министерството за внатрешни работи ќе постапува согласно закон и затоа апелираме граѓаните да не управуваат возило доколку немаат валидна возачка дозвола со името Република С. Македонија. Предупредуваме и дека во случај на настаната штета при евентуална сообраќајна несреќа, поради невалидната возачка дозвола, граѓаните кои немаат валидна возачка дозвола ќе мора да ги сносат последиците околу евентуалната штета.
Во однос на налепниците НМК за регистерските таблички, повторуваме дека тие се комплетно бесплатни за граѓаните, а секоја евентуална злоупотреба односно било какво наплаќање ќе биде ригорозно санкционирано. Граѓаните можат во било која станица за технички преглед да отидат со возилото и сообраќајната дозвола и од страна на контролор од станицата за технички преглед ќе им бидат залепени налепниците на регистерските таблици.

Горан Момироски