Пишува Горан Момироски

Во моментов соодветните служби вршат безбедносни проверки и проценки за лица кои треба да бидат вработени со високи плати во Агенцијата за национална безбедност која се уште формално ја води директорот Виктор Димовски кој е кадар на СДСМ.

Проверките ги прават луѓе исто така блиски на Димовски и на СДСМ и нема дилема дали новопечените агенти можат да ја минат оваа фаза пред вработување.

Пред заминувањето на Димовски во Париз каде е избран за македонски амбасадор од страна на владата во АНБ се подготвува непотизам од невидени размери, тврдат луѓе инволвирани во системот за безбедност кои се долгогодишни професионалци и соработувале и со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ.

Тие тврдат дека злоупотреба каква што се подготвува во моментов досега не била видена во службите за безбедност.

Моите извори тврдат дека дел од четирите лица ќе работат во АНБ а дел кои треба да бидат вработени во агенцијата за национална безбедност се во блиски врски со директорот Димовски.

Еден од четворицата му е дел од најблиското семејство, еден е род од втор степен а со другите двајца луѓе Димовски има некрвни но сепак многу блиски врски.

За случајот од понеделник формално ќе биде информирана Антикорупциската комисија која веќе добила вербална пријава за непотизмот во АНБ.

Авторот на овој текст ги има имињата, образованието и точните роднински позиции на новопечените агенти во АНБ кои се во блиски контакти со директорот Димовски но нема да ги објави за да не влијае на постапката за утврдување на непотизам и корупција во агенцијата за национална безбедност од страна на Антикорупциската агенција.

На четворицата кандидати за агенти на АНБ им било речено дека поради тајноста на операциите на агенцијата нивните имиња нема да дојдат до јавноста но доколку Антикорупциската комисија не покрене постапка за непотизмот за кој веќе допрел гласот тогаш по принципот на јавен интерес јавноста ќе биде информирана за нивните имиња и криминалот што се подготвува во еден од столбовите на македонската безбедност.