Челенџ за министерката: За албански фестивал цело, за македонски само половина

Професорката на Факултетот за музички уметности со предизвик до министерката за култура Ирена Стефовска.

Андовска меѓу другото прашува зошто за фестивал на албанска музика се дава двојно повеќе пари од фестивалот Денови на македонска музика.

И покрај тоа што на вториот учествуваат и Албанци ќе добие двојно помалку пари од фестивалот на кој учествуваат исклучиво припадници од една заедница.

Целото обраќање од Андовска која е уметнички раководител на фестивалот Денови на македонска музика:

“Гледам нешто челенџи, па да го предизвикам со прашање ресорното министерство Министерство за култура / Ministria e Kulturës во врска со #ЛокаленМузичкиПредизвик:
Оваа година треба (а не знаеме дали) да се случи 44-то издание на фестивалот Денови на МАКЕДОНСКА музика.

Фестивалот е единствен од ваков тип во Македонија и постои од 1977 година.
На овој фестивал се изведуваат уметнички музички дела од македонски автори (да, и од Албанци од Македонија, и тие се македонски автори и членови на СОКОМ), до кои јавноста нема никаков друг пристап.

Жанровски разновидни – џез, етно, авангарда, електроника, мултимедија.
Тука се делата на македонски икони како Тодор Скаловски (авторот на химната на Македонија), академик Властимир Николовски, Александар Џамбазов, Кирил Македонски, Тома Прошев, Томислав Зографски и бројни други композитори, за кои и веројатно, за ваш срам, не сте чуле.

Истиот овој фестивал на годинешниот конкурс за проекти од НАЦИОНАЛЕН ИНТЕРЕС, воопшто не е категоризиран како фестивал и доби смешна сума, половина од фестивалот Денови на албанска музика.
Прашањето е ЗОШТО?
Поздрав,
Проф. Дарија Андовска, композитор,
член на СОКОМ,
уметнички раководител на фестивалот Денови на македонска музика.