„Веќе во март месец, следува покачување на пензиите помеѓу шест и седум отсто за сите 330 000 пензионери. Создадени се услови за ново зголемување на минималната плата за 10 отсто со што таа ќе изнесува безмалку 20 000 денари.
Тоа ќе придонесе за усогласување, односно раст на платите во сите сектори“, рече денеска на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Според Кузеска, 2023 година ќе биде година на економски пресврт во која ќе продолжат успешните мерки и политики.
„Активно се работи на привлекување нови странски директни инвестиции кои отвораат нови добро платени работни места кои ја намалуваат стапката на невработеност.
Во новата 2023 година продолжува и поддршката за граѓаните за справување со последиците од кризата, за што во Буџетот се предвидени 250 милиони евра за нови антикризни мерки“, додаде Кузеска.