Решавањето на „Македонското прашање“ на Балканот влегува во својата завршна фаза. Со предвиденото отворање на Уставот би започнала таа завршна фаза: унитарната македонска држава да се претвори во двонационална федерација, која ќе се растури за одредено време на две државни единици – албанска и пробугарска. Албанците настапуваат со своја етничка и државотворна агенда. Бугарите настапуваат исто така со државотворна агенда: за создавање на „втората бугарска држава на Балканот“, комбинирана со директна политичко-идентитетска агресија против македонската нација. Во ова имаат штедра поддршка на Европската Унија и другите меѓународни центри на политичката моќ. Зацртано е да ги снема Македонија како држава и Македонците како државотворен народ.

Албанскиот политички чинител настапува обединет и во директна заемна координација на регионално рамниште во процесот на растурањето на Македонија. Информативната агенција на албански јазик „Журнал“ вчера јави дека лидерот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари бил на средба со албанскиот премиер Еди Рама и оти „добил од него согласност“ за влегување во Владата на Македонија. „Журнал“ извести дека тоа ќе значи зајакнување на сегашното парламентарно мнозинство и можност за Ковачевски да настапува во постапката за отворање и менување на Уставот без да биде условуван од ВМРО ДПМНЕ.

Стремејќи се кон својата „државотворна агенда“, Албанците се откажуваат од „Охридскиот договор“!

Со барањето постојниот македонски парламент да биде претворен во дводомен парламент Таравари одговори кон крајот на минатиот месец на ставот на Христијан Мицковски дека ќе треба да се отстранат „бадинтеровиот принцип“ и врамнотежувачот-балансер напоредно со бришењето на „20-те проценти“ за албанскиот јазик од Уставот. Лидерот на опозициската Беса деновиве им упати повик за заедничка средба на сите албански партии, заради реактивирање на „Тиранската платформа“ од 2016 година, потпишана со „политичко покровителство на Албанија и Косово“, во сегашната постапка за менувањето на Уставот на Македонија.

Сите албански партии не се стремат само кон отстранување на „20-те проценти“ за албанскиот јазик, туку најпрво и главно кон конечното оживотворување на уставниот статус на Албанците во Македонија „како државотоворна нација која живее во своите автохтони предели“. Ова е клучната одредба од „Тиранската платформа“. Всушност, барајќи да се отстранат процентите во Уставот, кои се однесуваат на нивните национални права, како клучна одредба од „Охридскиот рамковен договор“, Албанците го уриваат тој „мировен договор“ од 2001 година, се откажуваат од него. Тој нема да им биде повеќе потребен кога би го конституирале својот федерален кантон, во рамки на сопствената политичко-територијална автономија на западниот дел од територијата на Македонија.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицковски и неговата партија мора да ги имаат предвид сите овие политички околности во натамошното политичко дејствување. Лидерот на СДСМ и премиер Ковачевски свикал „лидерска средба заради европската иднина на нашата држава“. Но, всушност, единствената намера на овој лажномакедонски премиер и на другите бугарски измеќари-министри во намесничката пробугарска Влада во Скопје е да се принуди македонската опозиција да се согласи со промените на Уставот, во служба на бугарската и албанската државотворна агенда.

Реално гледано, Мицковски нема голем маневарски простор и никој не може да гарантира дека нема да се најдат потребните „шест проевропски ориентирани пратеници“ од редовите на опозицијата, предводена од ВМРО ДПМНЕ. „Агенцијата „Журнал“, зад која стојат влијателни струи во ДУИ, веќе му упати „абер“ на Мицковски: ако ВМРО ДПМНЕ не се согласи со уставните промени, тогаш ќе се употреби „старата методологија“ и оти „ќе се најдат потребниот број од 6 пратеници“! Со други зборови, ќе се активира „Преспанското сценарио“ применето кога се менуваше Уставот, заради изгласувањето на „Преспанскиот договор“ и за менувањето на името на Македонија“ во „северна“.

ВМРО ДПМНЕ мора веднаш да ги врати 44-те пратенички мандати и да предизвика парламентарно-политичка криза, заради уривање на Владата

Со цел да се спречат сите уставно-политички комбинаторики и државотворни агенди против Македонија и македонскиот народ Христијан Мицковски и Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ треба веднаш да донесат одлука за враќање на сите 44 пратенички мандати, за да се предизвика политичка и парламентарна криза и да се урне оваа Влада, по што ќе уследи неизбежно одржување нови предвремени парламентарни избори! Истовремено, да се искористат сите средства и за воинституционална политичка активност преку обединување на сите без оглед на политичката и идеолошка припадност, кои на почетокот на јуни годинава протестираа против „Бугарскиот договор“ и „француско-бугарскиот предлог“.

Враќањето на пратеничките мандати и растурањето на Парламентот, а потоа и на Владата, мора да се стори пред тие да ја растурат Македонија! Тоа е единствениот политички потег, кој е заснован врз автентичните државни и национални интереси на Македонија и македонскиот народ. Нема простор, ниту оправдување за какви било политички надмудрувања со владејачката коалиција, за „семакедонско помирување и обединување“ со неа.

Ситуацијата во Македонија од катастрофална станува апокалиптична: проектиран е налудничав буџет од повеќе од 5 милијарди евра, струјата пак ќе поскапува, населението е клекнато на колена, државата е испокрадена, во училиштата и во факултетите на Македонците им се сервира „образование“ за некоја „северна држава“, заради менување на националната свест и за гаснење на македонската колективна меморија. Кај и да се загледа, во кое било ќоше на оваа божемна држава, ќе се види дека е се урнисано и пеплосано, оти нема ниту институции ниту систем, што ќе функционираат во интерес на секој граѓанин.

Широка државна „Македонска платформа“ со македонско јадро против „Санстефанската“, „Тиранската и секоја друга антимакедонска платформа

„Беса“ се обидува да ја реактивира „Тиранската платформа“. Но и да не се одржи средбата на сите албански партии, која таа ја поттикнува, сепак на дело е и се спроведува „Албанската платформа“ во Македонија. Јас веќе неколкупати во текот на оваа 2022 година иницирав конституирање „Македонска платформа“ како сеопфатна државна и политичка агенда, заради опстојот и иднината на Македонија. Повторно ја реактуелизирам својата заложба за конституирање на ваквата „Македонска платформа“ како спротивставување на каква било „Санстефанска“, „Тиранска“ и која било друга антимакедонска платформа.

Иницирам „Македонска платформа“, Илинденски интонирана „Елајте сите при нас против ‘северниот зулум и тиранија’!“, која што ќе се однесува на животот и иднината на секој етникум и на секој граѓанин во возбновената Република Македонија. Притоа, сепак, таа платформа ќе треба да има македонско јадро, сочинето од македонски интелектуалци и македонски политичари, кои ќе бидат многу повеќе национални дејци за македонската кауза одошто „борци за фотелји и власт“, или било чии, меѓународни слуги и вазали.

Настапи времето на новиот мултиполарен светски поредок во светот и токму тоа е причината, поради која се брзаат и Бугарите и Албанците и мнозина други да ги остварат своите „геополитички и територијални соништа“. Тоа е причината, поради која така низ наречениот „Западен Балкан“ и особено во Македонија „шпартаат“ Урсула Лаен и други европски емисари, „специјални пратеници“ од Германија, САД, Велика Британија: сите сакаат овој регион да го стават и да го задржат во својата сфера на влијание и тука да ги зацврстат своите интереси спроти претстојната нова „поделба на картите“ меѓу големите светски сили САД, Русија, Кина, Франција, Германија, Англија и другите „геополитички играчи“.

Затоа, мојата порака до Мицковски и ВМРО ДПМНЕ, но и до другите промакедонски сили е: заземете конечно цврст македонски став, обединете се и запрете ги уставните промени и сите други планирани активности за уривање на државата. Застанете на браникот на својот македонски народ и пристапете токму вие, како партија, кон конституирањето широка државна „Македонска платформа“, во содејство со другите промакедонски политички сили, но и во директна координација и со македонското иселеништво во светот. Заборавете ја Европската Унија, оти таа е веќе „политички мртовец што оди“.

Започнав со „Македонското прашање“, а со него и ќе завршам: стаса времето „Македонското прашање“ да се изнесе пред Советот за безбедност на Организацијата на Обединетите Нации, како составен дел на „Македонската платформа“. Во едно документирано досие како своевидна „Бела книга“ светот мора да да биде запознат со ситуацијата со македонската нација и со се она што Грција, Бугарија и сите „добри соседи“ му го правеле и продолжуваат да му го прават на Македонецот од 1913 година до денес. Ова ќе мора да биде обврска на следната Влада на Македонија, по одржувањето на предвремените парламентарни избори.