Цели 50 дена молк од комисијата на Филипче за родилката без три органи

Иако министерот за здравство Венко Филипче уште на 16.03.2021 побара да се утврди дали имало пропусти во случајот со родилката во Струга на која и беа извадени здрави органи се уште нема никаков резултат од комисијата што самиот ја формираше.

Пред цели 50 дена министерот за здравство Филипче порача дека никој нема да биде поштеден од одговорност.

„Никој нема да биде поштеден од одговорност“, порача на 16 март министерот за здравство, Венко Филипче, кој тогаш формираше комисија која што требаше да го испита случајот со родилката од Дебар, на која при породувањето во Струга ѝ биле извадени три органи.

„Денеска формирав петчлена комисија да изврши стручен надзор во Општата болница во Струга, поврзано со лекувањето на пациентката од Дебар. Од членовите на Комисијата барам да утврдат дали имало неправилности или пропусти во вршењето на стручната работа, а особено во однос на спроведувањето на стручните упатства и условите и начинот на укажување на здравствена заштита на пацинетката“, информираше на средината на март Филипче.

Комисијата е составена од професори и лекари од неколку Универзитетски клиники во Скопје, правник од Министерството за здравство и од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ).

Денеска е 5 мај а Комисијата нема никаква јавна реакција за случајот кој ја потресе македонската јавност.

Претходно и Платформата за родова еднаквост, во која членуваат 24 невладини организации, побара да бидат спроведени темелни истраги за случајот со родилката Јилдиз Веаповска од Дебар, на која ѝ биле извадени органи во Струга како и за дивата домашна ординација на гинекологот Мухамед Асани, кој беше директор на струшката болница додека не беше разрешен.

„Спроведување детална истрага во врска со наведените искази за постапувањето во нерегистрираната ординација на докторот Мухамед Асани, негово разрешување од позицијата директор на болницата и забрана за извршување на лекарската дејност сè додека случајот не добие судска разрешница. Јавното обвинителство да спроведе темелна истрага, да ги утврди пропустите и да побара одговорност за понудената здравствена заштита на пациентката во периодот пред породувањето, текот на породувањето и постпарталната грижа“, се наведува во барањата.

Тогаш 24 невладини организации побараа да бидат темелни истраги за случајот со родилката Јилдиз Веаповска од Дебар и за дивата домашна ординација на гинекологот Мухамед Асани.

Родилката Јилдиз Веапоска за медиумите изјави дека ѝ биле извадени здрави органи повикувајќи се на Извештајот од Институтот за патологија.

Веапоска изјави дека без да бидат прашани таа и нејзиниот сопруг, д-р Мухамед Асани ги испратил бубрегот и матката на анализа на Патологија.

За работата на докторот Асани се води постапка и во обвинителството во Струга, откако Државниот здравствен и санитарен инспекторат поднесе кривична пријава за дивата ординација којашто ја имал дома.