Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска демантира дека во прифатниот центар во Визбегово ќе се гради објект за прифат на мигранти. Царовска уверува дека се работи за населба за бездомните лица кои до неодамна живееја под Кале, а не за камп за мигранти.
Таа вели дека ВМРО-ДПМНЕ шири лажни вести оти во прифатниот центар во Визбегово ќе се градат бегалски кампови.
„Ги повикувам граѓаните да не наседнуваат на лажните документи кои се споделуваат по социјалните мрежи. Вистината е следната: Во прифатниот центар во Визбегово ќе се гради населба за бездомните лица кои до неодамна живееја под Кале, а не камп за мигранти. Оваа одлука е усвоена уште пред една година со која Владата трајно ќе им се обезбеди дом на повеќе 80 лица кои живееја на улица. Очигледно, паниката кај ВМРО-ДПМНЕ е преголема па се спремни ваквите хумани решенија да ги злоупотребуваат. Повторно јасно порачуваме – бегалски кампови нема да се градат и бегалци нема да се населуваат во нашата земја“, објави попладнево Царовска на својот официјален профил на Фејсбук.
И градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев денеска соопшти дека нема да има прифатен центар за странци во Карпош.
„Општина Карпош, до овој момент, нема примено никаков допис во вид на Барање информации и податоци за доставување државна урбанистичко-планска документација за прифатен центар за странци во Бардовци, од страна на Агенцијата за планирање на просторот. Целосно ги демантираме информациите кои се пласираа на социјалните мрежи дека ваков прифатен центар ќе се гради во Бардовци. Општина Карпош исклучиво опстојува на определбата за плански развој на локалната самоуправа, а прифатниот центар за странци не е дел од планот за развој на Бардовци или на било кој друг дел од Карпош“, напиша Богоев на својот Фејсбук профил.
Според најновиот владин документ до кој дојде expres.mk сепак се работи за центар за прифат на мигранти.
Во обид да се заштитат свиркачите кои што го открија новиот документ од кој се гледа дали е Царовска во право, доказот дека навистина се работи за центар за мигранти expres.mk ќе го објави соодветно.