Царовска ќе се соочи со народ: Следуваат протести против “дигиталното” образование

Граѓанската иницијатива “Учебници и настава мора да има” најавува масовни протести против обидот на министерката Царовска и владата да протуркаат образовни реформи кои не им одговараат на учениците, наставниците и родителите.

Во објавата на претставничката на иницијативата не се дава точен датум но се најавува каде и како ќе се протестира.

Целото интегрално соопштение на “Учебници и настава мора да има” во продолжение:

Почитувани родители, старатели, наставници, средношколци и останати засегнати страни со измените во Законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование (во понатамошниот текст: Законот).

Ви се обраќаме со следните информации за нашите активности против донесувањето на Законот.

Денес, (Понеделник, 10 Мај 2021) до крај на работното време, не добивме официјален одговор од МОН по однос на нашите барања доставени и разговарани на работната средба одржана на 06 Мај 2021, ниту пак го добивме Записникот од средбата согласно договореното со претставниците од МОН.

Затоа, остануваме доследни на нашите ветувања пред граѓаните дека продолжуваме со битката и ќе се бориме до крај против донесувањето на Законот, користејќи ги сите начини и средства загарантирани со Законите во Македонија.

Имено, како што најавивме, следните чекори се организирање на „МИРНИ ПРОТЕСТИ“ во градовите низ Македонија и „МИРЕН МАРШ“ во Скопје. Протестите низ градовите и маршот во Скопје ќе бидат организирани согласно протоколите за активности на отворен простор во услови на пандемија.

Детали за протестите и маршот ќе бидат објавени на ПРЕС КОНФЕРЕНЦИЈА во Вторник 11 Мај 2021, во 11:00 часот, пред МОН.

Дополнително во групата ќе бидат споделени детали за организација и координација на заеднички активности низ сите градови. Сите заинтересирани претставници на локално ниво по градови, нека стапат во контакт со кооординативното тело на иницијативата за да ги добијат потребните документи и насоки за организирање на протест.

Ви благодариме на поддршката и Ве очекуваме сите заедно, да излеземе и да го покажеме нашето незадоволство од предложениот закон, и однесувањето на надлежните кои остануваат глуви на нашите барања и не го слушаат гласот на граѓаните.

Со почит,

ЃРАГАНСКА ИНИЦИЈАТИВА „УЧЕБНИЦИ И НАСТАВА МОРА ДА ИМА“

Драгана Спасевска / Овластен претставник / gage.bitola@yahoo.com