Бузлески од Германија: Само сплотени сме најсилни

Еден од најзаслужните за признавањето на македонските возачки дозволи од Германија, Александар Бузлески, по осум години во оваа земја и уште многу други проекти во корист на македонските иселеници во „локомотивата на Европска унија“ заклучува дека „само сплотени сме најсилни“.

„Тука во Германија, веќе неколку години, во содејство со голем број поединци и групи, се трудиме да го подобриме секојдневниот живот на Македонците, но и да ги продлабочиме врските со татковината. Морам да напоменам дека во тоа огромна улога имаат социјалните мрежи, кои ни помагаат за брза, лесна и квалитетна координација. Конкретно, да ја споменам Фејсбук-групата Makedonier in Deutschland (Македонци во Германија), која постои веќе неколку години и до овој момент има над 28 илјади членови. Како дел од администраторскиот тим, горд сум на резултатите од нашиот труд, пред сè: позитивниот исход од иницијативата за признавање на македонските возачки дозволи во Германија, многубројните хуманитарни акции, координацијата со останатите македонски организации во Германија (културни, црковни, спортски и др.), промоцијата и негувањето на македонската музика, обичаи и спорт, како и разни активности и проекти на дневна основа“, вели прилепчанецот. 

„Значаен удел при продлабочувањето на контактите со Македонците низ цела Германија има и мојот професионален ангажман како официјален претставник на најголемата компанија во Германија за оптимизација на трошоците за струја и гас (Teleson Gmbh), благодарение на која секојдневно контактирам со огромен број наши луѓе низ цела Германија. Секако, не смееме да кажеме дека тоа е сè, напротив, треба да продолжиме уште поорганизирано и посплотено. Затоа што, само сплотени сме најсилни“, додава тој.

Уште за време на студиите на Факултетот по туризам во Охрид, кои ги завршил во рекордно време, Бузлески почнал со работа на Халкидики, а подоцна и во Солун, каде што со прекини поминал речиси една деценија.

„Патот таму воопшто не беше лесен, почнувајќи од обичен помошник, а завршувајќи како регионален менаџер задолжен за три држави, притоа користејќи го секој слободен момент да бидам во својот роден крај. Од таму, по неколкумесечен престој во Македонија, мојата животна приказна продолжува во Германија, која во почетокот за секого е земја со големи контрасти во споредба со Македонија, како на полето на професионалната одговорност, така и од аспект на различниот менталитет. Но, тој што е решен да се вклопи во новата средина, никогаш не се жали на високата цена и на жртвата што треба да ја даде“, нагласува борецот за македонската кауза во Германија.

„Врските со татковината ги негувам 24/7. Впрочем, секој што е роден и пораснал во Македонија, во туѓина е само физички. Срцето и душата му се во родниот крај. Не случајно, секоја можност ја користам да дојдам во Македонија, најчесто во друштво на сопругата и на двајцата синови. Ќе продолжиме уште поактивно да ги негуваме тие релации, бидејќи тоа го должиме како на самите себеси, така и на нашите поколенија“, ветува Бузлески.

„Во меѓувреме, ни преостанува да се бориме на секој можен начин да придонесеме Македонија да стане подобро место за живеење, бидејќи папочната врска меѓу Македонија и иселениците е од непроценливо значење. Секако, мораме суетите да ги тргнеме настрана, бидејќи кога играме сите за истиот тим, нема место за суети, посебно во овие турбулентни времиња за Македонија. Моја огромна желба е да ја видам Македонија како земја во која главни предуслови за успех ќе бидат трудот, компетентноста и искреноста, а не партиската припадност. Па, дај Боже, што поскоро, секој да се врати таму кај што природно припаѓа“, порачува македонскиот активист од Германија.

#МакедонцитеВоСветот