Светското првенство во фудбал само што не започнало. Нас секако нè нема. И нема да нè има.
Се потсетив на една синтагма од детството, кога играв фудбал во помладокот на еден од најпознатите тимови на тогашната ни држава. Таа гласаше: доколку сакаш да го исплаткаш соиграчот, додај му топка како да ја фрлаш во бунар, што во превод значи – топката нема да ја стигнеш, или доколку ја стигнеш, ќе биде неупотреблива, значи изгубена. Тоа беше модел на елиминација на некој фудбалски гуштер, обично провинцијалец, кого градските играчи не сакаа да го примат во својата средина.
Инвалидизирани дипломатија
Така е и со нашата дипломатија – од почеток инвалидизирана, како да има две леви нозе, се сопира, паѓа, бара од корумпираните судии на меѓународната заедница слободни удари кои никогаш не ги искористува.
Сите наши проблеми, од осамостојувањето до денес, во најголема мера се резултат на нашата некадарна дипломатија, која, повеќе пати сум напишал, не може самостојно да реши ниту еден проблем. Може единствено да ги комплицира, на сопствена штета.
Системот е така поставен. Пасовите добивани од меѓународна заедница завршуваа во бунар. Тие пасови за нас беа некорисни. Противниците успешно ги блокираа нашите јалови напори. Ние за тоа меко и замеравме на меѓународната заедница, со молитвена флоксула, дека Европа без нас не ја личи, дека ние ќе ја обогатиме цивилизациски и духовно ЕУ, ама некој постојано нè сопнува, но дека Господ еден ден ќе се смилува и ние конечно ќе влеземе и во ЕУ.
Се разбира дека молитвите понекогаш се остваруваат, доколку не се променат околностите. Функционирањето на ЕУ не е совршено и не е бесконечно, бесконечни се нашите надежи. Така беше од почетокот со приемот на Република Макдонија во ОН, па до ден денес.
Со бутањето на Бугарите во нашиот Устав, кој во преамбулата ќе заличи на телефонски именик на народите кои живеат во (сега) Република Северна Македонија, што е услов да застанеме на стартната линија – пред тоа губејќи го уставното име (нема таков случај во дипломатијата) и со нарушениот идентитет, за кој не се се заинтересирани само големите играчи на меѓународната сцена, туку и добрите соседи, а и доволно домашни прикриени сеирџии во процесот на распаѓање на македонскиот национален хабитус. Ниту една дипломатска акција, поттикната или аминувана од меѓународната заедница, не е завршена во наша полза. Нашите актери главно не ги разбираа краткорочните и долгорочни стратегии спрема регионот, ниту пак учеа.
Сервилност спрема спахиите
Карактеристично е дека сите наши без критериуми избирани политички спахии, кои не разбираа што е тоа дипломатија – претседатели, премиери и министри за надворешни работи – секогаш нагласуваа дека имаме врвна дипломатија. Аргументи немаа, а критериуми за успех бес нивна сервилност спрема спахиите кои ги испратија да ја претставуваат нашата држава. Тоа денес го прави докторот на чело на МНР, Бујар Османи.
Несудениот муртински нобеловец не пропушташе прилика да ја пофали нашата дипломатија, заборавајќи дека токму таа дипломатија, во преголемата негова желба да биде новиот месија, во дипломатскиот аранжман на Н. Димитров, со познатото либрето и сценографија на драмата во Нивици, всушност беше добро спакуван дипломатски дебакл, кој предизвика и нови дипломатски порази, кои ние ги величаме со некаков започнат скрининг, додека магнетната резонанца на нашето заболено државно ткиво никако да ја направиме.
Тешко заболени, глумиме лажен оптимизам, само спахиите да останат на стекнатите поседи. Не само политички.
Ниту еден наш министер за надворешни работи не водеше сметка за институцијата за надворешни работи. Никој не поднесе никаква политичка или морална одговорност за своите гафови, макар што за тоа имаше сериозни причини. Зошто актуелниот би го правел тоа? Ништо не менува, само додава нови недипломатски апсурдни методи во објаснувањето на нашата Гандиевска тактика на неиритирање на двете соседни држави со кои потпишавме спорни договори. Бидејки тоа не било во наша полза, а меѓународната заедница тоа ќе го есапело како наша дипломатска конструктивност, со што го зголемуваме нашиот рејтинг на меѓународен план.
Целата колумна на дипломатот Ѓорги Мисајловски на следниот линк:
https://plusinfo.mk/bunar-diplomati-ata-na-bu-ar-osmani/